Стипендии за студиско усовршување и истражувања во Словенија за академската 2025/2026

Министерството за образование, наука и спорт на Република Словенија известува дека доделува стипендии за студенти, дипломирани лица и докторанди од Република Северна Македонија на високообразовните институции во Република Словенија за академската 2025/2026 година.
Како што објави МОН, доделувањето стипендии е врз основа на член 3 од Протоколот меѓу Министерството за образование и наука на Република Македонија и Министерството за образование, наука и спорт на република Словенија за соработка во областа на образованието, потпишан во 2016 година.
Предвидено е доделување на 24 месечни стипендии за студиско усовршување на високообразовните институции во Словенија, со поединечно времетраење од три до шест месеци, за кандидати до 26-годишна возраст; три едносеместрални стипендии (секоја по четири месеци) за студенти по словенечки јазик на Универзитетот„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и две стипендии за посета на двонеделниот летен курс по словенечки јазик за студенти по словенечки јазик на Универзитетот„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
-Овие стипендии не се наменети за комплетирање на целосен степен на студирање. Подетални информации во врска со условите, критериумите, потребните документи, начинот на аплицирање и роковите, може да се најдат на интернет-страницата: https://studyinslovenia.si/study/exchange-programmes/ Крајниот рок за доставување на апликациите до Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, ул.„Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје е 20 јуни 2025 година, се наведува во објавата на МОН каде што се достапни и контакти за добивање детални информации за стипендиите.