Стихозбирката „Човек“ на Јовица Ивановски добитник на наградата „Браќа Миладиновци“
Јовица Ивановски со стихозбирката „Човек“ е добитникот на годинашната награда „Браќа Миладиновци“, која ја доделува поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“.
За наградата одлучила жири-комисија составена од Милован Стефановски, претседател, Лорета Георгиевска – Јаковлева, Тихомир Јанчовски, Лидија Капушевска-Дракулевска и Снежана Стојчевска, секретар.
Од „Струшки вечери на поезијата“ информираат дека од петте збирки поезија кои влегоа во потесниот избор, преовладувало мислењето дека збирката на Јовица Ивановски, со својата кохерентна структура, тематско-мотивски опсег, како и оригиналниот и автентичен израз – од книгите што конкурираа годинава – се издвоил како најкомплетно остварување.
– Најновата поетска книга на Јовица Ивановски е многу типична за поезијата на овој автор и ги содржи сите битни одлики по кои тој стана и е препознатлив: деметафоризираниот поетски јазик, импулсивноста, едноставниот израз, сериозноста проткаена со хумор, искреноста, (авто)иронијата и потсмевот. Во неговите стихови сите тие се менуваат и надополнуваат, сопостојат или зрачат симултано. Тие понекогаш ја прават оваа поезија противречна, но токму затоа особена, неповторлива и интересна. Ставајќи ја нагласката на човекот, авторот ја промовира хуманоста и вистинските човекови вредности. Поезијата на Ивановски е обид за осмислување на бесмислата и за хуманизирање на дехуманизираниот свет – се вели во одлуката на жири-комисијата.