Стевоски: Митото и корупцијата го уништија Охрид, Општинска полиција ќе го среди хаосот


Дипломираниот криминалист, Стевче Стевоски, кој речиси три децении работи во охридската полиција, по вторпат се кандидира за градоначалник на Охрид. Како фаворит на партијата „Демократи“, вели дека е време да заврши „лажијадата“ на големите партии и ветува оти градот конечно ќе биде во служба на граѓаните и на приватниот сектор. Како еден од своите приоритети доколку ја добие поддршката од гласачите, го најавува проектот од локална полиција со 24-часовно работно време што ќе ги стави под свое сите служби во градот со цел да се спречи хаосот, пред сѐ урбаниот, што со децении го уништува туристичкиот бисер. Во интервју за „Независен“, објаснува како планира да му го врати сјајот на Охрид.

Г-дине Стевоски, по вторпат се кандидирате за градоначалник на Охрид како фаворит на партијата Демократи. Исто како во 2017 година, и денеска на предвремените избори против вас ќе бидат кандидати на двете најголеми партии во земјава. Сметате ли дека во политички амбиент каков што веќе триесетина години опстојува во Македонија, е можно да се победи без силна асистенција и користење на ресурсите на СДСМ, односно ВМРО-ДПМНЕ?

– Мојата човечка особина и предност пред кандидатите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ е мојот збор даден на граѓаните, почитување на Уставот и законите, а чувар на мојот збор е зборот на Господ и никој друг. Сметам дека со една искрена кампања, со својата чесност и посветеност спрема граѓаните на Охрид, независно од нивната верска, национална и социјална припадност, ќе ја добијам довербата од граѓаните, кои се свесни дека време е да заврши „лажијадата“ што трае 28 години.

Имате завршено Факултет за безбедност, во полицијата сте речиси триесетина години, татко сте на две деца. Од каде поривот активно да учествувате во политичкиот живот и да се кандидирате за прв човек на Охрид?

– Да се работи 30 години во МВР, посветен на почитување на Уставот и законот, почитувајќи ги основните човекови права на граѓаните, како и континуираната борба против организираниот криминал и корупција во МВР, но и во други државни институции. Причина повеќе преставува и фактот што Општина Охрид денес е најзадолжена општина во РМ, со долг од околу 50 милиони евра како резултат на несовесно работење во службата поврзано со корупција и мито. Убеден сум дека со мене како градоначалник, Општина Охрид ке биде за првпат во служба на граѓаните и приватниот сектор.

Впечаток, кој веројатно го делат сите, е дека туристички бисер не го искористува природниот потенцијал и убавините што го красат. Што е тоа што недостига Охрид конечно да се претвори во функционална средина, каде летната сезона би била само шлагворт на успешното функционирање на градот?

– Охрид како туристички бисер располага со можности за развивање на повеќе видови на туризам. Мора да се размислува за носење на посебен Закон за Охрид, со кој Охрид ќе биде ослободен од големите даночни обврски према државата со подршка на домашниот – приватниот туристички сектор, како и даночни ослободувања на странските инвестиции во Охрид.

Охрид веќе неколку години добива предупредување дека ќе биде избришен од листата на Унеско, односно дека повеќе нема да има статут на заштитено подрачје. Најголемата причина за тоа е градежниот хаос. Како го планирате да го решите наталожениот проблем доколку станете градоначалник?

– Во својата програма како кандидат за градоначалник на Охрид, како и во директни контакти со граѓаните, преовладува ставот дека спас на Охрид е оформување на Општинска локална полиција со 24-часовно работно време што под своја контрола и надлежност ќе ги стави Комуналната, Сообраќајната, Градежната и Туристичката инспекција. Неспорен е фактот дека поради своја неажурност, непрофесионалност и корумпираност, именуваните инспекциски служби го доведоа Охрид до оваа катастрофална состојба и реалноста да го изгуби приматот – град на УНЕСКО.

Покрај тоа, кои се другите мерки и проекти што планирате да ги преземете? Мандатот на новиот градоначалник на Охрид ќе биде скратен и ќе трае само две години, односно до 2021 година кога во земјава ќе бидат распишани редовните локални избори?

Точно, овој мандат е преполовен поради што изготвив и скратена програма. Издвоив десет точки, кои се реални за остварување.

Прво, сузбивање на урбаната мафија во Охрид и заштита на крајбрежјето.

Второ, Охрид со некорумпирана, професионална, стручна и соодветно образована јавна администрација во служба на граѓаните и приватниот сектор.

Трето, утврдување одговорност и анализа на долгот на општина Охрид од околу 50 милиони евра.

Четврто, мониторинг на градба, посебно во прва и втора урбана единица и брегот на Охридското езеро.

Петто, решавање на проблемот со кучиња скитници.

Шесто, воведување ред во јавниот сообраќај и такси-превозниците.

Седмо, изградба на улично осветлување, пешачка и велосипедска патека од хотел „Бетон“ до наколна населба Градиште во должина од околу десет километри, со цел безбедно движење на месното население, домашни и странски туристи сместени на наведениот простор каде се наоѓаат главните угостителско-туристички објекти и плажи.

Осмо, отворање посебен фонд за финансиска подршка на ученици, студенти, социјални случаи, како и граѓани со тешки болести, а на кои им е потребна финансиска помош за лекување.

Девет, финаниска и друг вид помош на сите спортски, културни и други здруженија.

На крај, отчетност и јавност во работата на општина Охрид и јавните претпријатија оформени од општината.