Стевчо Јакимовски: ВМРО-ДПМНЕ ги враќа на сцена насилниците

Навредите на Мицкоски за него и за Ванковска дека се „измеќари“, Јакимовски ги нарече „изјави на лузер, губитник“


 

Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ, иако го тврдат спротивното, изјави градоначалникот на Карпош и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски. ВМРО-ДПМНЕ ги враќа на сцена насилниците од 27 април и Гордана Јанкулоска, рече тој во гостувањето во телевизија Клан: „Гледам некни на промоција на Гордана Силјановска, како се викаат овие двајца Игор Југ и, како се вика ‘Ќосето’, беа присутни. Сега гледам Гордана Јанкуловска ја поддржува Гордана Силјановска. Која е пораката што ја праќаат? Истите навики? Истите луѓе? Истата екипа?“, рече Јакимовски и дополни

„Со оној од обезбедувањето на Мицкоски што тепаше полицаец, што има индиции дека е учесник во палењето на миксерите на сопственикот на ‘Техно-павер’? Исто така има индиции дека тој го истепа советникот во Општина Карпош? Пак покажуваат дека ќе дојдат насилници?“

Јакимовски го критикуваше ВМРО-ДПМНЕ дека се враќа на истите навики, да применува закани кон политичките неистомисленици:  „Сега истото ќе го прават, со реваншизми, со апсење, со политички прогони, цело време со тоа се закануваат… Тоа ли ни треба нам?“ Тој побара од ВМРО-ДПМНЕ да им објасни на граѓаните што ќе направат за економијата и животниот стандард.

Во гостувањето, пак, на Телма г ги оцени изјавите на Христијан Мицкоски за него и Билјана Ванковска како „лузерски, губитнички“. Откако Јакимовски и Ванковска ги собраа потписите Мицкоски ги нарече „измеќари“ и дека нивната улога била да глумат опозиција на опозицијата.

„Не знам зошто имаше потреба да дава такви изјави, со навреди кон мене и госпоѓата Ванковска. Очигледно брзал да ги собере потписите за да дава такви небулозни изјави“, рече Јакимовски.

„Изјави карактеристични за лузер, за губитник, којшто си бара алиби доколку ги изгуби изборите. Јас имам отворено прашање. Во 2019 година, кој ѝ пречеше на госпоѓата Силјановска да победи на претседателските избори што се случија веднаш по промената на уставното име и потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија? Подобро време за победа на опозицијата, здравје. Тогаш дури имаше поддршка од мене и мојата партија“, нагласи Јакимовски на Телма.