Стевчо Јакимовски поднесе кривична пријава за ставањето на црната листа

Јас сум длабоко убеден дека ова не е од претставници на амбасадата и официјалната американска политика, туку е од македонски кодоши, рече Јакимовски


 

Градоначалникот на Општина Карпош, лидер на ГРОМ и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски, денеска до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против непознат сторител во врска со ставањето на неговото име на црната листа на американскиот Стејт департмент.

Тој изјави дека бара да се спроведе истрага и дека е подготвен да одговара пред кој било истражен орган вклучувајќи ги и тие на Соединетите Американски Држави и посочи дека има граѓани на земјава без да ги посочи нивните имиња, за кои смета дека се одговорни, како што вели, за целата подготовка околу оваа операција за нивно директно вмешување во изборната трка за претседател на земјава

„Јас сум човек со достоинство, со чест. Достоинството на еден човек чини онолку колку што е подготвен да го плати. Јас сум подготвен да платам и највисока цена, но нема да попуштам пред неправдата и пред сите оние што се организирале за да направат нечесна игра и грубо мешање во изборот на претседател на Македонија и ќе истраат максимално. Поднесов кривична пријава против Н.Н. сторител до ЈО оддел за организиран криминал и корупција и во исто време побарав средба во Обвинителството. Имам да им соопштам одредени сознанија кои ги имам. Во исто време стојам на располагање за што било да разговараме“, рече Јакимовски,

Според него, мора да одговорат на прашањето сите оние што во изминативе неколку месеци интензивно поднесувале што е можно повеќе кривични пријави кои немаат основаност за, како што вели, потоа да кажат Обвинителството и правосудните органи во земјава не постапуваат за потоа да го повикаат Стејт департментот.

„Јас сум длабоко убеден дека ова не е од истражни органи, дека ова не е од претставници на амбасадата и официјалната американска политика, туку е од македонски кодоши коишто се впуштени во овие нечесни игри и кои цело време суфлираат кој е тој што треба да се најде на црна листа без при тоа да има какви било истраги и докази, туку по наратив кој што тие ќе го создадат во јавност дека овој е криминалец“., вели Јакимовски.

На прашањето дека против него веќе постои обвинение и судење кое поради измените на Кривичниот законик се враќа на повторно судење, Јакимовски вели има обвинение, но има и сведок, кој, како што вели, е подготвен да сведочи за подготовката за неговото апсење, за договорите кои биле вршени на највисоко ниво во државата.

Прашан да посочи кој е Н.Н. сторителот, Јакимовски не сакаше да открие детали, бидејќи, како што вели имало неколку групи.

„Не можам да обвинам ниедна политичка партија. Има луѓе кои што се продолжена рака на странски разузнавачки служби и сето тоа овие подолго време ова го прават, го организираат и создаваат предуслови ако можат да нанесат каква било штета. Не само на мене туку и на други граѓани од Македонија, вклучувајќи стопанственици, политичари“, рече Јакимовски.

Според него, интерес ова да го прават го имаат политичките противници и „оние на кои не им одговарало земјава да има политичари кои размислуваат со своја глава, туку кои беспоговорно ќе ги прифаќаат сите нивни одлуки, нема за ништо да приоговараме, постојано ќе повторуваме дека треба да останеме на европскиот пат, колку и тоа да е штетено за македонските граѓани“. 

Актуелниот градоначалник на Карпош и претседателски кандидат, Јакимовски заедно со поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева, се најдоа на дополнетата црна листа што во понеделникот ја објави Стејт департментот на САД за, како што се наведува, вмешаност во коруптивни дејствија. (МИА)