Стевчо Јакимовски: „Осуден сум политички од овој диктаторски режим“


 

Сето ова е направено од политички причини. Осуден сум на една година затвор за да не се кандидирам на можни избори за градоначалник на Карпош.

Вака денеска поранешниот градоначалник на Карпош и претседател на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, ја оцени одлуката на Апелацискиот суд во Скопје да биде осуден на една година затвор за бесправно градење поврзан со општинската зграда. На прес-конференцијата свикана веднаш по објавувањето на одлуката на Апелацискиот суд, Јакимовски тоа го образложи со недоаѓањето на работа на градоначалникот Сотир Лукровски подолго време поради тоа што е на боледување и назначи свој заменик од редовите на советниците во Општината.

„Осуден сум политички, не затоа што сум направил кривично дело и затоа што сум ја злоупотребил својата положба и овластување, осуден сум затоа што власта, овој диктаторски режим си постави во Карпош тотално неспособен градоначалник кој четири месеци буквално блешее низ прозорецот на својот кабинет, пушејќи во него и потоа земајќи боледување, коешто е лажно и оттогаш наваму му се губи трагот. Значи тоа е причината, а поводот кој што е искористен е оваа и таа друга барака 1 и 2 кои се изградени, односно се поставени овде во кругот на Основното училиште ‘Лазо Трповски’. Значи поводот е поставувањето на овие две бараки за кои недостасува само едно ливче, а тоа е дека имаме дозвола за поставување на времен објект“, рече Јакимовски.

Осврнувајќи се на објектите, тој кажа, дека тој и неговата одбрана цело во судската постапка докажувале дека станува збор за времен објект од гипскартон и челична конструкција, кој може да се извади и да се пренесе на друго место, но судот донел пресуда како да станува збор за цврста градба.

Eкс-градоначалникот на Карпош обвини дека во постапката се користеле два фалсификати, за што, додаде, ангажирале вештаци, на кои не им било дадено да извршат вештачење на овие документи и да утврдат кој ги направил.

„Очигледно во оваа ситуација не е важно дали си виновен, туку во моментов има потреба да бидам осуден, а тоа е да бидам спречен да се кандидирам на повторените избори за градоначалник на општина Карпош“, нагласи тој.

Според него, поради ситуацијата со актуелниот градоначалник, Сотир Лукровски, власта барала решение како да се справи со пораз во општината на евентуални повторени избори за градоначалник, бидејќи, вели Јакимовски, рејтингот на власта во Карпош е преполовен.

„Повеќе од очигледно е дека лицето кое беше поставено за градоначалник на општина Карпош направи нешто коешто е незапаметено во политичката историја на Македонија, а тоа е да го напушти едноставно своето работно место и сега нормално е дека власта бара чаре, бара решение како да се справи со евентуалниот губиток овде на територијата на општина Карпош затоа што нивниот рејтинг овде во Карпош, односно бројот на гласовите се буквално преполовени и тоа е едноставно единствената причина зошто ја носат оваа пресуда“, објаснуваше Јакимовски.

Според него, „од сите страни добивавме информации, а впрочем и вие ја добивте таа информација дека предметот се укинува и се враќа на повторно одлучување во Основниот суд. Ова сега е веќе нешто ново, очигледно е дека е направено под притисок“.

Посакувајќи им добро здравје, тој рече дека не им се лути на судиите, оти знае дека секој не може да го издржи тоа што тој го издржува. Јакимовски најави дека конечна одлука во врска со случајот ќе бараат од Врховниот суд.

Владеењето на ВМРО-ДПМНЕ тој го нарече „диктаторски режим“.

„Ова е само уште еден доказ дека ние во моментов имаме диктаторски режим кој со своите политички противници се пресметува преку највиталните институции, а тоа се Обвинителството и Судот. Но она што сакам да му го порачам на премиерот, има тој малку познавање од историја, е илјадници години наназад важи една максима, една изрека: ‘Кој си игра со меч, од меч ќе загине’, односно: ‘Со каква мерка мериш, со таква мерка утре ќе ти мерат’. Но очигледно кога тие не се на власт, тие се познати плачковци, како плачат ако има политички прогон итн. Целиот овој прогон го издржав машки, не отсуствував од ниедно рочиште, а четириесетина“.