Стевчо Јакимовски и Катица Јанева на црната листа на САД

Нивните постапки, според САД, го поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси


Стејт Департментот на САД денес ги стави на црната листа Стевчо Јакимовски, градоначалник на Карпош и претседателски кандидат, како и Катица Јанева, поранешната специјална јавна  обвинителка. Според оценката на САД, нивните постапки го поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси на нивните влади.

„Во службено својство на поранешен специјален главен обвинител во Северна Македонија, Јанева беше вмешана во коруптивни дејствија, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и службена моќ за лична корист. Има веродостојни информации дека Јанева барала и примила поткуп за да влијае на обвинителството под нејзина надлежност.

Во службено својство како градоначалник на општина Карпош, Северна Македонија, Јакимовски беше вклучен во коруптивни дејствија, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да има корист за себе и за неговите соработници.

Овие именувања ја потврдуваат посветеноста на САД за поддршка на владеењето на правото и зајакнување на демократските институции на целиот Балкан. Одделот ќе продолжи да ги користи сите достапни овластувања за промовирање на одговорност за корумпираните актери во регионот и на глобално ниво, стои во објавата.

Покрај Јанева и Јакимовски, Стејт департментот ги става на црната листа и членовите на нивното потесно семејство – двата полнолетни синови на Јакимовски, Гоце Јакимовски и Дамјан Јакимовски, и брачниот другар и полнолетниот син на Јанева, Венци Јанев и Лазар Јанев.

„Овие постапки ги прават Јанева и Јакимовски и членовите на нивните потесни семејства генерално неподобни за влез во САД“, стои во објавата.

На профилот на Твитер се огласи и амбасадорката Анџела Агелер. 

„САД ќе продолжат да именуваат функционери од која било партија, огранок на власта или заедница што се вклучени во значителна корупција. Луѓето од Македонија заслужуваат правда и одговорност од нивните институции за да се запре бранот на криминално однесување и да се запре канцерот на корупцијата“, напиша таа.