Стефоска: Испративме писмо за интерес за новата програма на ЕУ за култура


 Тркалезна маса на тема „Креативна Европа – перспективите на Западен Балкан“ се одржa денеска во Младинскиот културен центар (кино „Фросина“) која учествуваат претставници од организации поддржани од пилот-акцијата на програмата Креативна Европа – потпрограма Култура, посветена на културната соработка со земјите од Западен Балкан. На настанот се обратија министерката за култура Ирена Стефоска и амбасадорот на ЕУ во земјата Дејвид Гир.

Со оваа тридневна промотивна програма посветена на предизвиците и рефлексијата на програмата Креативна Европа – Култура на ЕУ се одбележува крајот на еден програмски циклус и почетокот на новата програма Креативна Европа 2021 – 2027 година, која беше усвоена на 28 мај од страна на Европскиот парламент.

– Министерството за култура веќе упати писмо за интерес за учество на нашата држава во новата програма и ја искажа својата подготвеност за потпишување на Грант договор со ЕК. Како координативно тело за спроведување на програмата на национално ниво, Министерството продолжува со понатамошни заложби и конкретни мерки како одговор на предизвиците базирани на досегашните искуства од спроведувањето на програмата на национално и локално ниво, а со цел да го олесни пристапот на што поголем број корисници од културните и креативните сектори во новата програма на ЕУ, рече министерката Стефоска.

Таа посочи дека во претходниот програмски циклус 2014 – 2020 година, поддржани се 79 проекти на невладини организации, издавачки куќи, национални и локални установи од областа на култура. Поддршката на ЕУ е со околу 4 и пол милиони евра, а ко-финансирањето на овие проекти од страна на Министерството за култура е околу 18 милиони денари.

– Издaвачкиот сектор во нашата држава уште еднаш ја потврди исклучителната посветеност и успех во рамки на оваа програма на европско ниво. Министeрството за култура, секако продолжува со ко-финансирање на поддржаните проекти, рече Стефоска.

Во фокусот на новата програма останува европската културна соработка, сепак, нагласи министерката, комплексната структура на новата програмата Креативна Европа 2021 – 2027 соодветствува со современите предизвици со кои се соочуваат културните и креативните сектори во Европа и пошироко како што се: заштитата и промоцијата на европското културно наследство, јазичната разноликост, културата како механизам за меѓусебно почитување, толеранција и помирување, родовата еднаквост, интердисциплинарноста и интерсекторската соработка, социјалната кохезија на културата, мобилноста на уметниците и нивните дела, едукацијата, дигитализацијата…

– Меѓу сите овие теми, не помалку важен предизвик за нас е регионалната културна соработка, конкретно регионалната соработка на Земјите од Западен Балкан и Европската Комисија, која е тема на денешната тркалезна маса. Спецификите на политичкиот, општествениот и културниот контекст во земјите учеснички во Програмата Креативна Европа, различните капацитети во културниот сектор во релевантните земји и региони придонесоа кон различно ниво на спроведување на оваа програма како во националниот така и во регионалниот и европскиот контекст, рече Стефоска.

Министерството за култура, потсети таа, во неколку наврати ја поздрави заложбата и напорите на ЕК за придонес кон приближувањето на културните капацитети на регионот, преку пилот-повик посветен на соработката со Земјите од Западен Балкан.

– Нашите организации покажаа значителен успех во рамки на овој повик. Впрочем денеска со нас на оваа тркалезна маса се токму корисниците на 10-те поддржани проекти во рамки на оваа пилот акција, рече Стефоска.

Министерката соопшти дека заедно со нејзините колеги од ресорните министерства на земјите од Западен Балкан го очекуваат официјалното потпишување на Заедничката декларација за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт како дел од Агендата на Западен Балкан на Европската Комисија.

– Особено е значајно за нас што културните и креативните сектори и нивниот огромен потенцијал се препознаени како важни фактори за социо-економскиот развој на регионот на Западен Балкан, а програмата Креативна Европа е еден од инструментите за спроведување на оваа Агенда, нагласи Стефоска.

Амбасадорот на ЕУ во нашата држава, Дејвид Гир на тркалезната маса истакна дека културниот и креативниот сектор секогаш играле важна улога во животот на Европа и ги ширеле европските вредности. Културниот и креативниот сектор не придонесуваат само за европска социјална кохезија и различностите туку и во економијата, додаде тој, потенцирајќи дека тие претставуваат 4,2 процент од европскиот вкупен БДП и 3,8 проценти од работната сила во ЕУ. Тие се меѓу најдинамичните сектори во Европа. Повикувајќи се на информации од ЕУРОСТАТ, Гир кажа дека во културата и во креативниот сектор вработуваат 8,7 милиони луѓе во ЕУ.

– Програмата Креативна Европа на некој начин консолидирана форма на поддршката на ЕУ за овие индустрии. Во периодот од 2014 до 2020 преку оваа програма се доделени преку 13.000 грантови, а ја искористиле 41 земја. Кофинансирани се близу 16.500 културни проекти за соработка во Европа, рече, меѓудругото, тој.

Бројни македонски културни организии имале бенефит од оваа програма, но цел е, како што кажа, таа бројка да се зголеми. Во новиот финански циклус за периодот 2021 – 2027 усвоен пред две недели има зголемување на активностите и областите што ќе бидат покриени со оваа програма – музика, архитектура, книги и издаваштво, културно наследство… Кон ова ќе бидат додадени и претприемништвото и иновативноста во секторите на културата и иновациите.

– Западниот Балкан изобилува со таленти во културата и креативниот сектор и потенцијал. Меѓукултурниот дијалог може да изгради заеднички наративи помеѓу задниците и да ги поврзе луѓето, рече тој.

Гир најави дека наскоро ќе биде усвоена агендата за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт.

Тркалезната маса е дел од тридневната програма на Министерството за култура за организирање промотивни настани на тема „Креативна Европа дома“, посветени на искуствата во спроведувањето на оваа програма на Европската Унија, како и на нејзината рефлексија на национално и на регионално ниво.

Настаните беа организирани од Канцеларијата за Креативна Европа – потпрограма Култура во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Канцеларијата на Креативна Европа – Култура на Србија, корисниците на потпрограмата Култура во периодот од 2014 до 2020 година и други партнери.