Стефковски ги урна импровизираните куќички крај Вардар – четири години не ги гледаше!
Нема компромис со Законот! Урната уште една дивоградба – јасна порака дека бесправното градење нема да се толерира и дека институциите постапуваат решително и без исклучоци.
Со ваква бомбастична порака утрово, градоначалникот на Општина Гази Баба се пофали дека ги урива импровизираните куќички, во кои долго живееја Роми, покрај Вардар, на брегот пред „Топлификација“.
„Од рано утрово секторот за инспекциски работи на општина Гази Баба превзема активности за уривање на дивоградба во Керамидница изградена на државно земјиште, со цел заштита на јавниот интерес и воспоставување ред во просторот“, вели Стефковски.

Уверува дека а Акцијата се спроведува согласно сите законски процедури, со присуство на надлежните служби, а целта е да се спречат понатамошни злоупотреби и узурпација на државно земјиште.
Овие импровизирани живеалишта постоеја долго време, а градоначалникот Стефковски тера втор мандат. Не се знае зошто Стефковски претходните четири години не ги виде овие бесправни живеалишта, па дозволи пред некој месец, тие од картонски да преминат во тврда градба, изѕидани со цигли.
Понатаму, Стефковски вели дека во изминатиот период како општина реализирале повеќе активности за отстранување на бесправно изградени објекти во различни населени места низ општина Гази Баба, со што испраќале јасен сигнал дека правилата важат подеднакво за сите.
Сепак, тврди дека овие активности не се еднократни, туку дел од континуирана стратегија за воспоставување урбан ред, заштита на јавните површини и обезбедување безбедна и планска изградба.
„Законот мора да се почитува и од тоа отстапка нема. Само преку доследна примена на прописите можеме да изградиме праведно и уредено општество. Без разлика на етничка, верска или било каква друга припадност – Законот важи за сите и ќе се применува неселективно и доследно“, додава Стефковски во фејсбук пост.
Апелира до граѓаните да не започнуваат градежни активности без добиено одобрение за градење, бидејќи секоја бесправна градба ќе биде санкционирана согласно закон.