Стефан Неделковски избран за најдобар млад саксофонист
Стефан Неделковски на саксофон е добитник на Гран при наградата на 18. Интернационалниот музички натпревар за млади музичари „Охридски бисери“ кој се одржа во Охрид. Втората и третата награда им припадна на музичари на труба – Стефан Георгиев и Јустас Дракшас.
Исто така, беше доделена и Специјална награда од Фондацијата „Томислав Зографски“, Награда за најдобра изведба од македонски автор и Награда за најдобри македонски изведувачи.
На синоќешниот завршен концерт беа доделени 12 награди на младите музичари во три возрасни категории и седум дисциплини на дувачки инструменти. Исто така, интернационалното жири составено од врвни музички педагози ги избра добитниците на највисоките признанија на натпреварувањето.
Градоначалникот Константин Георгиески на добитникот на Гран при му врачи и посебна награда од Општина Охрид.
Традиционалниот музички натпревар што се одржуваше во изминатите денови е осмислен за да се откријат и стимулираат исклучително талентирани ученици и студенти, млади музичари, да се забележи нивото на напредок во музичкото образование и да им се овозможи да прераснат во професионални уметници.