Статуата на Марко Аврелиј по 65 години од САД е вратена во Турција

Турција веќе има 22 локации официјално впишани на Листата на светско наследство на УНЕСКО


Бронзената статуа на римскиот император Марко Аврелиј, по 65 години, е вратена во својата татковина, Турција. Статуата, која датира од 2 и 3 век од н.е., е дело кое го прикажува римскиот император како филозоф и се смета за една од најубавите бронзени скулптури во Анадолија. Се планира набргу да биде претставена пред јавноста, на изложба во турскиот главен град, Анкара. Артефактот бил нелегално ископан и прокриумчарен од античкиот град Бубон, во 1960-тите години, а потоа делото, низ годините менувало сопственици, пред да му припадне на Музејот на уметност во Кливленд, САД. Неговото враќање во Турција беше овозможено благодарение на заедничките напори на турското Министерство за култура и туризам, Канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетен и Одделот за истраги за внатрешна безбедност на САД.

Вистинското потекло на статуата на Марко Аврелиј за прв пат го открила професорката Џале Инан, првата жена археолог во Турција. Нејзиното истражување му помогнало на турското Министерство за култура и туризам да почне заедничка истрага со американските надлежни органи.

Враќањето на статуата на Марко Аврелиј во Турција е една од најзначајните пресвртници во тековната борба на оваа земја против нелегалната трговија со антиквитети. Овие активности за репатријација се дел од пошироката стратегија на Турција фокусирана на зачувување и одржливо управување со нејзиното богато културно наследство. Како дел од проектот „Наследство за иднината“, со кој ископувањата се прошируваат низ целата земја и во текот на целата година, државата врши ископувања и реставраторски работи на многу антички локалитети и има за цел да го зголеми бројот на археолошките истражувања на 800 до 2026 година.

Треба да се напомене и дека Турција веќе има 22 локации официјално впишани на Листата на светско наследство на УНЕСКО, откако и градот Сардис, како и лидијските тумули од Бинтепе, беа официјално внесени во неа, на 47 сесија на Комитетот за светско наследство, одржана во Париз во јули годинава.

 

Како некогашна престолнина на Лидијците, моќна цивилизација од железното време, Сардис е сведоштво за богатото минато на Анадолија. Неговата историја датира од 5 век п.н.е. Лидијците биле народ од Анадолија кој развил посебен јазик и религиозен систем, а и први вовеле златни и сребрени монети. Во близина се наоѓа Бинтепе, која се смета за една од најголемите антички некрополи во светот, со повеќе од 119 надгробни тумули распоредени на површина од околу 7.500 хектари.

По падот на Лидијското кралство во 6 век п.н.е., Сардис го задржал своето значење под персиска, грчка, римска и источноримска власт. Денес, на оваа локација се наоѓаат извонредно сочувани римски градби, вклучувајќи го комплексот бањи, акрополата и храмот на Артемида. Античкиот град Сардис е дом на најголемата позната синагога од античкиот свет и на една од Седумте цркви од Откровението во западна Анадолија. Во Сардис сè уште траат археолошките ископувања и конзерваторски работи, a како дел од пошироката археолошка визија на Турција, проектот „Ноќен музеј“ овозможува 27 локалитети низ земјата, вклучувајќи го и Сардис, да бидат отворени до доцна во ноќта за посетителите во текот на летниот период.