Статистика го ревидира номиналниот БДП, јавниот долг се зголеми на 60,3 отсто


Редовната ревизија на номиналните вредности на домашниот бруто-производ од страна на Државниот завод за статистика на 5 октомври, го зголеми буџетскиот дефицит во новиот ребаланс на Буџетот од 8,4 отсто на 8,5 отсто од БДП, а на јавниот долг од 59,5 отсто на 60,3 отсто од БДП.

Ова го нагласи министерот за финансии Фатмир Бесими на седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет на почетокот на расправата за ребалансот на Буџетот.

„ДЗР направи ревидирање на вредностите за БДП за 2018 и за 2019 година со што е коригиран номиналниот БДП за 2019 година“, рече Бесими, појаснувајќи дека тоа придонело да се променаат и релативните проценти на јавниот долг и дефицитот споредени со БДП за овааа година.

„Ако се намалува БДП за 2019 година во номинален износ, се намалува во номинален износ и БДП за 2020 година. Тоа што беше предвидено за 2020 година како проекција за пад на БДП од 4,4 отсто, односно намалување на економската активност, останува, но ако се споредат со номиналните вредности на БДП за 2020 година се променува процентот на дефицитот и на јавниот долг“, рече министерот за финансии во експозето пред пратениците.

Со ваквиот нов номинален износ на БДП дефицитот во Буџетот за оваа година наместо 8,4 отсто, ќе изнесува 8,5 отсто иако неговата апсолутна вредност останува иста. Исто е и со надворешниот долг, кој според номиналната вредност на БДП од 30 јуни годинава во однос на БДП беше 59,5 отсто, а сега со надолната корекцијата на номиналниот БДП иако долгот е со иста вредност од 6,527 милијарди евра, претставува 60,3 отсто од БДП.

Бесими пред пратениците исто така рече дека влошените прогнози за влијанието на пандемијата ќе придонесат кризата да трае подолго и подлабоко истакнувајќи дека и во третиот и четвртиот квартал се очекува пад на БДП, но во помали проценти во однос на вториот квартал, така што на крајот на годината се очекува падот на БДП да изнесува 4,4 отсто. (М.Ј.)