Стапи во сила Европскиот закон за чипови
Брисел – Денеска стапи во сила Европскиот закон за чипови, кој воспоставува сеопфатен сет на мерки чија цел е да се гарантираат безбедноста на снабдувањето, прилагодливоста и технолошкото лидерство на ЕУ во секторот на технологиите и апликациите за полупроводници.
– Полупроводниците се основните составни елементи на дигиталните и дигитализираните уреди. Од паметни телефони и автомобили, преку апликации и опрема за здравството, енергијата, одбраната, комуникациите и индустриската автоматизација, полупроводниците се сржта на модерната дигитална економија, но тие, исто така, се во центарот на силните геостратешки интереси и глобалната технолошка трка, се наведува во соопштението на Европската комисија по повод стапувањето во сила на Законот.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Еврокомисијата очекува Законот за чипови да го зголеми нивното производство во Унијата, да стимулира создавање Европски дизајниран екосистем и да го поттикне зголемувањето на иновациите.
– Преку Европскиот закон за чипови, Европската Унија има за цел да ја постигне својата цел за двојно зголемување на сегашниот удел на глобалниот пазар на 20 отсто до 2030 година, се додава во соопштението.
Трите основни цели на Законот се зајакнување на европското технолошко лидерство во овој сектор, поттикнување на јавните и приватните инвестиции во капацитети за производство на чипови и воспоставување на механизам за координација и следење на понудата, побарувачката и предвидување на недостиг во снабдувањето со полупроводници.
Изработката на заедничката европска стратегија за секторот за производство на чипови ја најави претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен во нејзиниот говор за „Состојбата на Унијата“ пред европратениците во 2021 година.
Лани во февруари 2022 година, Комисијата го објави предлог-текстот на Европскиот закон за чипови, кој беше усогласен меѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ, односно земјите членки, во април годинава.