ССМ: Работодавачите на почетокот на јули да исплатат регрес за годишен одмор


Сојузот на синдикатите на Македонија бара работодавачите согласно Колективните договори да исплатат регрес за годишен одмор на почетокот на јули кога и најголем дел од работниците го исполнуваат условот за добивање регрес за годишен одмор со работење најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

– Бараме и останатите работодавачи согласно Гранските или Колективните договори на ниво на работодавач да го сторат истото на почетокот на јули. Со оглед на можноста од користење на ваучерите за домашен туризам на сите граѓани кои ги исполнуваат условите кои ги додели Владата и исплатата на К-15, македонските работници особено оние со пониски примања ќе можат да си дозволат годишен одмор за своето семејство, а со тоа ќе бидат поддржани и туристичко-угостителски објекти низ државата кои во изминатиот период беа најпогодени поради нивното неработење, наведува ССМ.

ССМ апелира, работниците, средствата од ваучерите како и регресот за годишен одмор да ги искористат исклучиво во туристичко-угостителски објекти во кој има организирано синдикат и каде што не се кршат правата на оваа категорија на работници, а со тоа, како што велат, да придонесеме и спречиме, несовесни работодавачи да ги злоупотребат нашите пари и истовремено да ги кршат работничките права на нашите колеги.