ССМ ќе бара кривична одговорност за газдите што не ја дадоа помошта на работниците


Сојузот на синдикати на Македонија денеска соопшти дека нема да отстапи од барањето субвенциите за плати да одат директно на сметките на работниците.

Според Синдикатот, недопустливо е работниците во време на Ковид-19 кризата да останат без плати кои чесно си ги изработиле и без субвенциите „обезбедени на наше барање од нашиот социјален партнер Владата“.

– Алчните газди по петти пат оставија работници без никаква егзистенција, а иако УЈП овој пат дејствуваше веднаш, се покажува дека и тоа не е доволно и дека и покрај сознанијата и информациите во јавноста кои ги изнесуваме и ние и државните институции за одговорноста за овој вид на злоупотреби, повторно има работодавачи кои немаат милост ниту спрема работникот, ниту пак се плашат од државата и од казни, посочува Синдикатот.

ССМ покрај паричните казни, ќе бара и кривична одговорност, затоа што, како што посочува во соопштение, законот е еднаков за сите и не познава газди, граѓани или работници.