ССМ поднесе иницијатива за намалување на платите на пратениците и другите функционери
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) до Собранието и до сите пратенички групи денеска ја поднесе иницијативата за изменување и дополнување на Законот за платата и другите надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во Републиката за, како што велат, нивно постапување веднаш и без одлагање, соопштија од ССМ.
Според иницијативата за изменување и дополнување на Закон за плата и другите надоместоци на пратениците и другите избрани и именувани лица се предлага Член 11 од во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката да се измени и да гласи:
„Основица за пресметување на платата на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката е минималната плата во Републиката, според податоците на Државниот завод за статистика.“
Потоа, Член 2 да гласи: Коефициентите за утврдување на надоместокот на плата и на плата утврдени во Закон за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката се намалуваат за 40%
Во образложението на иницијативата се вели дека во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците другите избрани и именувани лица во член 11 е предвидено дека Основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците од Државниот завод за статистика.
Од ССМ посочуваат дека врз основа на Уставното право, оваа законска иницијатива Сојузот на синдикатите на Македонија ја темели на принципите на еднаквост, недискриминација и правна сигурност за сите граѓани содржани во Уставот како највисок акт во државата, како и во меѓународните трудови стандарди, Европската социјална повелба, Универзалната декларација за човековите права и други меѓународни документи.
За да бидат граѓаните на Македонија еднакви пред националните закони, како и за да бидат еднакви според и пред меѓународните акти и принципи, потребно е појдовната основа за градење на платите на сите работници и граѓани во нашата држава да биде еднаква. Во конкретниот случај треба да се поаѓа од висината на минималната плата како основица за пресметување на сите плати, затоа што анализите на Владата и анализите на Работодавачите, за разлика од анализите на ССМ, покажале дека вредноста на минималната плата е доволна за да ги задоволи елементарните потребите на граѓаните, па оттука и имајќи го предвид горенаведеното ССМ се залага и инсистира на еднаков третман на сите плати во државата и смета дека е потребно да се измени горенаведениот член 11 и основицата за пресметка предвиден во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица,
Во образложението се додава дека ССМ заедно со Владата на државата во 2023-та година потпишаа и предвидоа во Општ колективен договор за јавен сектор во кој се поаѓаше од просечната плата како основица за градење на платите на вработените во јавниот сектор, поаѓајќи токму од законското решение за платите на функционерите, избраните и именуваните лица, но Владата како потписник на истиот и спротивно на Закон и без оправдани причини не го почитува Општиот колективен договор за јавниот сектор и не ги уреди платите на вработените на овој начин, а дополнително бара и укинување на ваквото право на работниците.
Затоа ССМ предлага истиот принцип да се примени и за платите на функционерите, за платите на избраните и именуваните лица, односно преку оваа Иницијатива, ССМ предлага основица за пресметка на нивните плати да биде минималната плата, односно да се измени членот 11 од Законот и да гласи како во диспозитивот на оваа Иницијатива за изменување и дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, се вели во иницијативата на ССМ.