ССМ: Газдите манипулираат, повисоките плати нема да ги затворат компаниите

Сојузот на синдикатите на Македонија изминатиот период спроведе истражување кое уште повеќе го потврдува ставот дека зголемувањето на платите и зголемувањето на минималната плата не придонесува за затварање на компаниите и не ја уништува економијата, туку создава услови за развој и отворање на нови компании наспроти тезата и манипулациите од газдите дека растот на платите предизвикува колапс на компаниите и губење на работни места.
Газдите ја лажат Владата и јавноста кога тврдат дека ќе се затворат фирмите ако се зголемат платите, а затоа што не му веруваа на ССМ кога јасно и гласно го зборуваше тоа, податоците и фактите од Централниот регистар тоа јасно го потврдуваат и покажуваат дека:
• Во 2022 година, кога минималната плата ( за потсетување, преку протести и штрајкови) ја зголемивме од 15.194 на 18.000 денари, имаше 7.062 новоосновани фирми, а избришани или затворени 5.694.
• Во 2023 година, со зголемување на минималната плата од 18.000 на 20.175 денари, бројот на новоосновани фирми остана 7.062, а избришаните се намалија на 3.372.
• Во 2024 година, со растот на минималната плата од 20.175 на 22.567 денари, имало 6.627 нови фирми, а само 2.891 затворени.
Овие бројки јасно докажуваат дека секое зголемување на минималната плата е придобивка, а не закана за економијата и ги побиваат ставовите на газдите и на одредени експерти кои беа прилично гласни на ова поле за да спречат раст на платите.
Ова е причина повеќе да не се сопре процесот за зголемување на платите, вклучително и зголемување на минималната плата, ова е уште еден силен аргумент за континуиран раст – не само на минималната плата, туку и на сите останати плати!
Работниците не смеат да живеат со минимални примања и да имаат најниски плати во регионот, а Владата е должна да ја поддржи потребата од раст на платите, праведната распределба на профитот и да застане на страната на достоинствениот труд на работниците.
Преку јазикот на аргументите кој треба конечно да ги слушнат упатуваме пораки и до газдите и до Владата:
До газдите – доста е со лаги и манипулации, време е да престанете да одбивате да се зголеми минималната плата и да почнете да давате достоинствени плати на работниците.
До Владата – да не подлегнува на притисоците, лагите и манипулациите од капиталот и од овие газди, туку конечно да застане зад работниците и да обезбеди зголемување на минималната плата и системски раст на платите за сите.