Стопанска комора: Блокадите на граничните премини не може да бидат решение
Проблемот со примената на правилото од 90/180 дена за професионалните возачи во
товарниот патен транспорт (евиденцијата на влез и излез на граничните премини согласно EES системот) треба исклучиво да се бара преку институциите, а не со блокади на граничните
премини, за да не се случи колапс на целата економија во државата и регионот на Западен
Балкан во целост, е ставот на Стопанската комора на Северна Македонија.
Блокадите не може да бидат решение, бидејќи ако се наруши протокот на стоки на
граничните премини со ЕУ, само еден ден, а не дури седум дена какви што се моменталните
најави, губитници не се само транспортерите во меѓународниот патен сообраќај, туку сите
деловни субјекти кои се влучени во надворешно-трговската соработка. Засега никој не може да каже колкави ќе бидат загубите бидејќи тие ќе бидат по повеќе основи: пенали за задоцнета испорака, откажување на договори, намалено производство, нереализиран извоз, неможност за навремено производство ради недостаток на суровина итн, но сигурно е дека загубите ќе бидат од големи размери, што не е во ничиј интерес.
Минатата недела, СКСМ, заедно со коморите од Западен Балкан, упати заеднички апел до претседателката на Европската комисија во кое укажавме дека очекуваме земјите-членки да усвојат привремени мерки овозможувајќи им на професионалните возачи непречено да го вршат меѓународниот патен транспорт, сè додека не се воспостави трајно и системско решение.
Ваквиот пристап би бил во заеднички интерес на Европската Унија и Западен Балкан и би претставувал јасен сигнал за веродостојна посветеност на интеграцијата на регионот и зачувувањето на функционирањето на синџирите на снабдувањe. Моменталниот пристап е
неконзистентен со целите на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и тешко е да се усогласи
со нашите заеднички напори за понатамошно интегрирање на економиите на регионот во Единствениот пазар на ЕУ. Економиите на Западен Балкан, како кандидати и на јасен пат кон
членство во Европската Унија, целосно опкружени со границите на ЕУ, треба да имаат корист од поедноставена и диференцирана примена на режимот на ЕЕS, што ќе го одрази нивниот статус како партнери во пристапувањето и ќе обезбеди јасна разлика од другите трети земји.
На крај останува фактот дека Европската Унија е нашиот најважен извозен пазар, со над три
четвртини од вкупниот извоз на земјата и затоа од наш стратешки интерес е да се одржи
стабилноста на синџирите на снабдување и непречено да се одвива протокот на стоки.