Српските студенти остануваат пред РТС до исполнување на нивните барања


Од минатиот понеделник во 22 часот српски студенти во блокада и граѓани кои ги поддржуваат, ја оневозможуваат редовната работа на Радио-телевизија Србија со блокади пред влезот на медиумот во Белград во обид да издејствуваат објавување нов конкурс за членови на регулаторниот орган за електонски медиуми (РЕМ).
Засега нема какви било знаци за можна разрешница – студентите најавија дека и утре продолжуваат со блокадата додека властите велат дека тој начин на изразување протест е незаконски и не води кон дијалог за смирување и решавање на состојбите. 
 
Студентите и денеска објавина на социјални мрежи дека ќе продолжат со блокадата „до објавување на нов конкурс за членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), односно дека утре ќе продолжат со блокадите. Тие ги обвинија националните радиодифузери и дека го игнорираат нивното движење и протестите.

Новиот српски министер за информации Борис Братина во својата велигденска честитка ги повика надлежните органи да ја деблокираат РТС бидејќи нејзиниот пад е исто како и државен удар.

„Пад на РТС под притисок на блокаторите би имал значење на „државен удар“, односно пад на општествениот поредок“, се нагласува во соопштението потпишано од новиот министер за информации Борис Братина.

Тој бара од надлежните органи да реагираат за да се доведат условите за работа на РТС во редовна состојба и да се истражат сите околности на блокадата.
Со слична порака и српскиот претседател Александар Вучиќ во петокот нагласи дека државата ќе има сила да го заштити уставниот поредок.  

„Не смее да им се дозволи слободно да продолжат со малтретирање, шиканирање и уништување на животите на сите граѓани. Затоа ги повикувам надлежните државни органи да преземат различни мерки за заштита на уставноста и законитоста во деновите што ни претстојат согласно Уставот и законот… Барам тоа да го направат што е можно повеќе без употреба на сила. Тогаш кога е неопходна сила, во тој случај таа треба да биде најмалку можна за да се решат работите“.

Третата страна во овој случај – РТС, поднесе кривична пријава во петокот до Првото основно јавно обвинителство во Белград против непознати лица кои се претставуваат како студенти во блокадата, кои од 14 април блокираат објекти на медиумот во главниот град на Србија. 

Во два дена, Собирот на вработени во РТС објави две соопштенија.

Во првото, објавено во саботата, наведоа четири барања меѓу кои – раководството на јавниот сервис и надлежните служби итно да им се обратат и да дадат јасни насоки за работа за време на блокадата. Бараат оставки од уредници и новинари кои не ги почитувале законите за медиуми и Кодексот на новинари „и дозволиле во Дневник 2 и други информативни емисии да се изнесуваат невистини и навреди кон нивните колеги, студенти и други граѓани“. „Ако веднаш не ни се обратат ќе сметаме дека се повлекле“. 
Во денешното соопштение тие велат дека РЕМ е блокиран, а јавниот сервис е заложник на политичко молчење. Побараа итна реакција на собранискиот Одбор за култура и информирање и распишување конкурс за членови на РЕМ. 

„Студентите со денови стојат пред вратата на зградата на РТС, но кој суштински го блокира јавниот сервис? РЕМ требаше да добие нов Совет на 4 ноември 2024 година. Но, до денес не функционира најважното регулаторно тело за електронски медиуми“, наведуваат во соопштението објавено на социјални мрежи.

Тие наведуваат дека вистина е дека блокадата може многу брзо да се прекине со одлука за распишување нов конкурс за членови на Советот на РЕМ.

Портпаролката на РЕМ и поранешна претседателка на Советот на тoa тело, Оливера Зекиќ за српски медиуми дека процесот на избор на членови на Советот на РЕМ во моментов е во застој, бидејќи седум членови кандидати одлучиле да се повлечат од процесот. На конкурсот беа пријавени 18 кандидати, но седум од нив се откажаа од кандидатурата поради „пропусти во законската процедура“. 
На 20 јануари, Одборот за култура и информирање на српскиот парламент го објави конечниот предлог на 18 кандидати за членови на Советот на РЕМ, но после тоа, изборниот процес запре, а темата не се најде на дневен ред на Собранието на редовната седница. Полето на електронските медиуми во Србија половина година е без контрола на РЕМ.

Студентите во блокада во средата навечер објавија писмо на Инстаграм до Одборот на српскиот Парламент за култура и информирање во кое бараат да се објави јавен повик за нови членови на Советот на РЕМ, со порака дека блокадата на РТС ќе трае се додека не се објави јавен повик за избор на членови на тоа тело.

Тоа што Советот на РЕМ се уште не постои, вели консултантот за медиуми Саша Мирковиќ за Инсајдер, е главната причина за сегашниот „хаос во етерот“ во Србија.

„Постојат многу јасни одредби во законот и казни што ги заслужуваат многу радиодифузери кои ги прекршуваат законите и новинарските кодекси. Но, фактот што Советот на РЕМ не постои е првенствено одговорност на државата. Не гледам причина зошто државата што доцни, која крши со фактот дека Советот на РЕМ не е конституиран, може да направи нешто друго освен да го направи она што го бараат студентите, а тоа е да објави јавен повик за именување членови на Советот на РЕМ“.

Во четвртокот се појавија и тврдења од опозиционери дека власта сака да употреби сила за да ги растера демонстрантите од пред РТС. Неколку чассови подоцна, реагираше српскиот министер за внатрешни работи.
Ивица Дачиќ го оцени како „лажна“ и „опасна манипулација“ тврдењето на претседателот на Демократската партија Срѓан Миливојевиќ дека српскиот претседател Александар Вучиќ и наредил на полицијата да употреби сила за да ја деблокира зградата на РТС. 

Одборот за култура и информирање во Народното собрание, што е надлежен за тоа прашање, се уште молчи.