Српската месна индустрија пред колапс, не знаат што да прават со бифтекот и ќебапите
Најголема побарувачка за месо има во текот на летото, поради што цените растат, но сега пазарот е презаситен поради падот на извозот и недоволниот број туристи
Месната индустрија во Србија е пред колапс затоа што нема кому да го понуди свинското, говедското и пилешкото месо, бидејќи хотелите и рестораните се празни заради пандемијата на КОВИД-19, нема странски и домашни туристи, а извозот е сопрен.
Сосопственикот на месната индустрија „Матијевиќ“, Зоран Матијевиќ, за агенцијата Бета изјави дека најголема побарувачка за месо од секаков вид има во текот на летото, поради што цените растат, но сега пазарот е презаситен поради падот на извозот и недоволниот број домашни и странски туристи.
„Нема кому да се продава месо на домашниот пазар, понудата е голема затоа што нема извоз, паднаа цените, а производителите се во голема неволја“, рече Матијевиќ.
Според него, товените свињи се продаваат по цени за 10-15 проценти пониски од лани, а килограм жива мера чини од 130 до 150 динари, пренесува СЕЕбиз.
Тој додаде дека веќе две години има проблем и со јунешкото месо затоа што, по најавата на министерот за земјоделство, Бранислав Недимовиќ во мај 2018 година, дека 5.000 тони јунешко месо може да се извезуваат во Турција без царина, производителите го зголемија производството, но турскиот пазар не покажува заинтересираност.
Тој рече дека е склучен „политички договор“ со Турција за извозот на јунешко месо и дека таквиот договор пропадна заради политиката и дека е „несигурен за производителите“.
„Говедското месо сега чини 150 до 180 динари жива тежина во Србија, а минатата година се продаваше за 250 динари за килограм“, рече Матијевиќ.
Тој додаде дека поради намалената потрошувачка во компанијата, „не можат да се ‘решат’ од бифтекот, како најквалитетно говедско месо“.
Матијевиќ вели дека пред година и пол пилешкото чинело околу 260 динари за килограм, а денес се нуди од 160 до 180 динари, што е за околу 20 проценти под рентабилната цена.
Една од причините поради што падна цената на месото, како што вели, е големиот увоз на месо за преработки од странство без царински давачки или даноци, поради што две големи месни индустрии во Србија ги затвориле кланиците и преминале на увоз.
„Србија има нестабилна политика за поттикнување на сточарството, а европските земји го субвенционираат тоа производство на различни начини. Хрватска планира да го зголеми производството за 40 проценти како приоритетен план“, рече Матијевиќ.
Како што вели, Хрватска неодамна обезбеди 90 отсто од неповратните средства на ЕУ за отворање на фабрика за преработка на месо.
Според него, извозот на преработени производи во Босна и Херцеговина е тежок по забраната поради африканската свинска чума, затоа што во меѓувреме пазарот го запоседнаа производители од други земји.
Сопственикот на кланицата „Ѓурѓевиќ“, Миленко Ѓурѓевиќ, вели дека извозот на говедско месо во Турција, Италија и Кина беше целосно запрен во март поради пандемијата.
„Извезувавме 100 бикови на ден, или 500 неделно, и сега имаме подготвени 5.000 парчиња, но нема купувачи“, рече Ѓурѓевиќ.
Тој додаде дека до минатата година во хотелите и рестораните продавале по тон подготвени ќебапи дневно, а сега, поради недостаток на туристи, малкумина ги бараат.