Средбата на Лавров и Кулеба заврши без резултат. Лавров тврди – Русија не ја нападна Украина

Според рускиот министер за надворешни работи реакциите по нападот на породилиштето во Мариупол биле „патетични негодувања“ на Западот


 

Украинскиот министер за надворешни работи изјави дека разговорите меѓу највисоките дипломати на Москва и Киев во турскиот приморски град Анталија не донеле никаков пробив за ставање крај на војната во Украина по руската инвазија.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека се состанал со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за да разговараат хуманитарните коридори и прекинот на огнот.

Кулеба рече дека има „други носители на одлуки“ во Русија, алудирајќи на Кремљ, со кои треба да се консултира, додавајќи дека се согласил со Лавров да продолжи да бара решение за хуманитарните прашања предизвикани од војната.

Тој рече дека Москва не е подготвена да понуди прекин на огнот. Тој рече: „Тие бараат Украина да се предаде. Ова нема да се случи“.

Кулеба рече дека „последната работа“ што тој ја сака е да ја убие надежта за Украинците кои бараат безбеден премин надвор од градовите опколени од руските бомбардирања и напади.

По него се обрати Сергеј Лавров.

„Работевме на обидот да се реши кризата. Разговаравме за хуманитарни проблеми. Објаснивме што прави Русија од нејзина страна за да им помогне на цивилите приведени од таканаречените ‘волонтери’“, рече Лавров.„Ни беше дадено уверување дека ќе добиеме одговор на нашите барања. Сакаме да го зачуваме мирот во Европа“, рече Лавров.

„Ние не ја нападнавме Украина, не планираме да нападнеме ниту други земји. Нашата безбедност е загрозена. Сакавме да разговараме, но никој не нѐ слушаше“, додаде тој.

Кулеба, според ставовите на Лавров, заклучи дека Русија ќе продолжи со својата агресија сѐ додека Украина не ги исполни барањата на Москва. Тој изјави дека Киев ќе продолжи да бара „балансирано“ дипломатско решение за кризата и дека исполнувањето на барањата на Русија би било предавство. Според него, тие се за дипломатија, но и дека се подготвени да се бранат.

„Не можеме да ја запреме војната ако државата што ја почна агресијата не го сака тоа“, посочи тој.

Лавров, пак, возврати со обвинувања и со тврдења дека нападнатата болница во Мариупол била мета бидејќи таму имало борци на т.н. Азовски баталјон.   

„Слушнавме обвинувања за ѕверски напад на породилиште пред три дена. Нашата делегација даде докази дека тоа породилиште е окупирано од Азовскиот баталјон и дека ги исфрлиле бремените жени и работниците… Заклучоците сами извлечете ги. Јавноста низ дел од светот е изманипулирана“, рече Лавров пред да ги оцени реакциите за нападот како „патетични“.

„Не е првпат да видиме патетични негодувања во врска со таканаречените злосторства извршени од руската војска“, рече тој па  ги осуди западните медиуми дека се премногу „емотивни“ и не дозволуваат „објективен“ поглед на тековниот конфликт.

„Се обидуваме да привлечеме внимание на фактот дека Украина со години е антируска. Со кого сте вие, со Западот или со Русија?“, ја праша Лавров Украина. „Ќе излеземе од оваа криза, минавме низ многу кризи и секогаш сме излегувале. Ќе излеземе посилни од ова. Немаме илузии дека Западот е наш партнер. Сега знаеме дека може да бидеме предадени од секого и во секое време“, рече Лавров.

Шефот на дипломатијата го обвини и Западот дека и обезбедува оружје на Украина.

Тој рече: „Гледаме колку опасно се однесуваат нашите западни колеги, вклучително и во Европската унија и кршејќи ги сите нејзини таканаречени принципи и вредности, го поттикнува снабдувањето со смртоносно оружје за Украина“. (Според агенциите)