Средба Заев – Руте: Декември ќе биде клучен за почнувањето преговори со ЕУ


Зоран Заев и Марк Руте пред Владата (Фото: Б. Грданоски)

Македонскиот и холандскиот премиер, Зоран Заев и Марк Руте, денеска заеднички констатираа дека во декември има клучен прозорец во однос на политиката за интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Според соопштението на владината прес-служба, било истакнато дека процесот нема да биде кредибилен доколку не бидат прифатени утврдениот напредок во досието на Северна Македонија и Албанија во октомврискиот извештај на Европската комисија, заедно со повторената препорака дека двете земји ги исполнуваат условите да ги отпочнат преговорите со ЕУ. Прес-конференција на двајцата премиери немаше со оглед на политичката криза во земјава и најавеното утрешно гласање за недоверба на владата.

Марк Руте е првиот премиер на Холандија кој дошол во официјална посета на Македонија. Заев во разговорите нагласил дека Холандија е важен партнер на  Македонија во НАТО. „Постигнавме силни билатерални врски и развивме соработка во последните 28 години. Дополнително, Холандија стана наш најпосветен поддржувач на нашите напори за интеграција во ЕУ“, рекол Заев.

Според соопштението, Заев нагласил дека македонската влада силно ги цени охрабрувачките пораки на холандската поддршка за процесот на интеграција во ЕУ. Беа поздравени и постигнувањата во областа на зајакнувањето на демократијата и владеењето на правото со акцент на потребата од континуирано и посветено спроведување на стандардите и реформските цели на ЕУ.

Заев изразил благодарност за доследната холандска поддршка во градењето на  Македонија како европска демократија, слободно општество и слободна пазарна економија, нагласувајќи дека Холандија е најголемиот билатерален донатор, а нашата држава е под холандската конституенца во Светска банка.

Заев го информирал Руте и за иницијативата „Отворен Балкан“ меѓу Македонија, Албанија и Србија, која има за цел да го демонстрира заедничкиот капацитет на регионот и да донесе конкретни придобивки за нашите граѓани и бизниси што е комплементарно со пристапниот процес преку кој ќе овозможи подобро да се подготвиме за целосна интеграција во политиките на ЕУ.

Премиерот Руте ја изрази поддршката за процесот „Отворен Балкан“ и додаде дека иницијативата треба да остане отворена и за другите држави во регионот.

Во соопштението не се споменува блокадата на Бугарија на европскиот пат на Македонија. 

Холандскиот премиер Марк Руте е на балканска турнеја, вчера беше во Грција, а денеска и во Тирана. Тој во Тирана изјави дека блокадата на Бугарија ја запрела и Албанија и дополни дека за да започне првата меѓувладина конференција на ЕУ со Албанија „од суштинско значење е да се реши прашањето на Бугарија со Северна Македонија. Се надевам дека ова ќе биде постигнато“.

Марк Руте вечерва ќе има средба и со претседателот Стево Пендаровски, кој ќе приреди и вечера за него.