Средба Николоски – Бутковиќ: Соработка во железничкиот транспорт и изнаоѓање соодветно решение на проблемот со транспортерите
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари средба со потпретседателот на владата на Хрватска и министер за поморски работи, транспорт и инфраструктура, Олег Бутковиќ, на која се разговараше за проблемот во транспортниот сектор и унапредување на билатералната соработка.
– Проблемот со транспортерите и новиот систем за електронска евиденција во земјите од шенген-зоната е суштински и се однесува за транспортниот сектор од целиот регион од Западен Балкан, но и за компаниите од ЕУ што инвестирале во Западен Балкан, а кои се извозно ориентирани кон европските пазари. Побарав силна поддршка од владата на Хрватска во изнаоѓање соодветно решение на ниво на Европската Унија, со кое ќе се олесни работењето и на македонските и на регионалните превозници – се вели во објавата на Николоски на „Фејсбук“.
Николоски наведува дека на средбата разговарале за интензивна соработка во делот на транспортниот сектор, особено во железничкиот сектор.
– Зборувавме и за зголемување на економската и на трговската соработка меѓу двете земји ставајќи фокус на инфраструктурните проекти. Хрватска ѝ дава силна поддршка на Македонија во евроинтегративните процеси! – стои во објавата на Николоски.