Средба на Мицкоски со претставник на Стејт департментот


Премирот Мицкоски со потсекретарот во Стејт департментопт Џон Бас

 

На маргините на НАТО Самитот во Вашингтон премиерот Христијан Мицкоски оствари повеќе билатерални средби и разговори, соопштува прес-службата на владата.

Мицкоски се сретна со потсекретарот за политички прашања во американскиот Стејт департмент, Џон Бас. Соговорниците разговараа за стратешките интереси на државата, како и за интеграцијата и напредокот на регионот.

Мицкоски подвлекол дека борбата против организираниот криминал и корупција како и владеењето на правото се приоритети на новата Влада. Тој додал дека иднината на регионот е во тесна соработка на државите, и насоченост кон работите кои не обединуваат како и создавање на иднина која ќе донесе просперитет на сите.

Премиерот Мицкоски оствари средба и со претседателот на Чешка Петр Павел. Соговорниците разговараа за искористување на потенцијалите за економска и политичка соработка.

Претседателот на македонската влада Мицкоски истакна дека иднината на регионот е во полноправно членство во Европската унија и дека на тој план се направени премногу отстапки и откажувања кои не се вреднувани до крај и дека кочењето преку неразумните спорови мора да престане. Мицкоски оствари разговор и со премиерката на Естонија, Каја Калас со која разговараше за интензивирање на соработката и поддршка на македонските ЕУ интеграции.