Средба на Лавров со Османи и Борг

Руската амбасада во Скопје на официјалниот Твитер профил објави фотографија од средба на рускиот министер Сергеј Лавров со министрите Бујар Османи и Јан Борг.На постот на амбасадата стои: „Сергеј Лавров со министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Малта – сегашен и иден претседавач на ОБСЕ.“
Од македонското МНР и од официјални извори на ОБСЕ досега нема информации за средбата и за темите.На фотографијата се гледа широко насмеаниот Лавров кој седи спроти малтешкиот министер за надворешни работи Јан Борг и Османи кој седи меѓу двајцата како домаќин. Затоа, пак, во своето обраќање Борг рече дека мултилатерализмот се соочува со предизвици, но останува клучен за справување со глобалните проблеми.
– Како Организација се наоѓаме во комплексна и критична ситуација. Насилството како средство за остварување на целите не е во духот на Хелсиншкиот акт и мора да се вратиме на деескалација и мирно решавање на споротвите со почит кон дијалогот. Во духот на Хелсиншкиот акт, не е, ниту користењето на вето за спречување на ОБСЕ во остварување на своите основни цели. Мора да се вратиме на барањето компромис, дури и кога ни е тешко да се согласиме, нагласи Борг.
Претходно, украинскиот амбасадор во ОБСЕ, Евгениј Цимбаљук во обраќањето изрази благодарност до сите земји за поддршката на Украина во борбата за слобода против Русија, со кое, како што рече, придонесуваат и за одбрана на иднината на ОБСЕ.Цимбаљук, симболично во своето обраќање, пред делегатите покажа и пет зрна изгорени од Русија со ирански дрон, објаснувајќи дека Русија досега има уништено стотици илјадници тони житарки, со што, како што нагласи, остави многу семејства низ целиот свет без храна.
– На светот му треба вакцина против обидите за користење на храната како оружје, нагласи Цимбаљук.
ОБСЕ во изминатите две години, според Цимбаљук, покажа дека е најкорисно, кога ги игнорира уцените од Русија, и кога со неа се зборува од позиција на обединетост и морално право.
– Во спротивно Русија ќе бара, уште и уште отстапки. Јасно е дека не можеме да ја градиме иднината на ОБСЕ, со земја која ја киднапира нашата иднина и нашите деца, порача Цимбаљук.
Во десетата година од анексијата на Крим, во 2024 година, според Цимбаљук, ОБСЕ како никогаш досега има потреба од силно лидерство од одбрана на принципите на Организацијата, со дополнителна изолација на Русија и нејзините малигни акции во рамките на истата.
Наспроти него, унгарскиот министер Петер Сијарто рече дека наместо натамошно оддалечување меѓу Истокот и Западот и на нивните економии, да се даде шанса на враќање на цивилизираната соработка или барем на дијалогот.

Тој посочи дека како земја учесничка на ОБСЕ се надевале дека Министерскиот состанок ќе биде можност за директна средба и комуникација меѓу претставници на Русија и Соединетите Американски Држави (Сергеј Лавров и Ентони Блинкен) и изрази жалење што тоа не се случило.
Шефот на унгарската дипломатија истакна дека не сакаат повторно да бидат губитници како во времето кога светот беше поделен на блокови. Наспроти повторна поделба на светот на блокови, тој рече оти како земја сакаат да видат глобална соработка.
„Ние Унгарците страдавме под комунистичка диктатура 40 години во свет кој беше поделен на блокови. Трпевме опресија од Истокот и бевме игнорирани од Западот и бевме губитници во светот поделен на блокови. Не сакаме повторно да бидеме во период од историјата во кој повторно ќе бидеме губитници. Така што, ве молам немојте да го делите светот на блокови повторно. Наместо блокови би сакале да видиме глобална соработка, сакаме да видиме поврзаност и сакаме да видиме враќање на заемната почит во меѓународниот политички живот. Сакаме да видиме цивилизирана соработка меѓу Истокот и Западот од која може да имаме голем бенефит“, рече Сијарто.
Во таа насока, рече тој, може да се искористи ОБСЕ.
„Се надеваме дека може да го искористиме постоењето на ОБСЕ како платформа за дијалог меѓу Истокот и Западот. Која би била другата причина за постоењето на ОБСЕ ако не за дијалог меѓу колегите од Истокот и Западот“, кажа Сијарто.
Според Сијарто единственото решение за кое се постигнување мир.
„Јас претставувам нација чии членови умираат во оваа војна. Постои значителна заедница на Унгарци кои живеат во Украина, околу 150.000 и бидејќи се граѓани на Украина, тие се мобилизирани во украинската армија, голем дел од нив се распоредени на фронтовските линии и голем дел од нив, за жал, се загинати. Не сакаме веќе да умираат Унгарци, но и генерално кажано, не сакаме луѓе да умираат во нашето соседство. Затоа го гледаме мирот како единствено решение и единствен начин да се спасат животите на многу луѓе и натамошно уништување“, рече тој. Ако ја погледнеме последната година и половина, повеќе од очигледно е дека оние што се преправаат дека постои решение на бојното поле, не се во право. Не постои решение на бојното поле. На него има мртви луѓе и разрушување. Не се во право и оние што велат дека развојот на настаните на бојното поле ќе ги унапредат шансите за мир. Ова исто така не е точно. Секој нов ден од војната ги прави шансите за мир сè помали и помали. Испораката на оружје исто така не помага. Испораките на оружје ја пролонгираат војната, а во регионот не ни е потребна војна, не ни е потребно оружје, туку она што ни е потребно е мир. И во оваа насока сакам да истакнам дека чувањето отворени канали на комуникација е од витално значење, рече Сијарто во своето обраќање.