Средба Димитриеска Кочоска – Болат, договорена интензивирана соработка во областа на царината

Македонија и Турција ќе ја зајакнуваат економската соработка преку обезбедување поповолни услови за соработка. На средба на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со турскиот министер за трговија Омер Болат, соопшти денеска Министерството за финансии, договорена е соработка помеѓу царинските органи на двете земји, како и обновување на меѓусебните договори за заемна соработка, како и потпишување нови меморандуми за соработка.
– Македонија и Турција имаат одлична политичка и економска соработка која се темели на голем број меѓусебно потпишани договори. Денеска на средбата со министерот Болат разговаравме и се сoгласивме дека е потребна соработка на царинските органи на двете земји, а во таа насока интензивирање на комуникацијата помеѓу нив во наредниот период. Исто така, стана збор за обновување на меѓусебните договори согласно новите стандарди и препораки, а во насока на подобрување на бизнис климата, привлекување инвеститори и олеснета трговија, рече министерката за финансии.
Таа потенцира дека Владата е посветена на обезбедување забрзан економски раст и интензивирање на соработката со пријателските земји, меѓу кои е и Турција.
Брзата размена на податоци беше нотирана како врвен приоритет на двете држави.
Средбата се реализираше во рамки на работната посета на министерката на Турција. На средбата присуствуваа државниот секретар во МФ Андриана Матлиоска, Катерина Антовска, шеф на кабинет и посебен советник во МФ, како и директорите на Управата за јавни приходи Елена Петрова, на Царинската управа Бобан Николовски и на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски. Од турска страна беа присутни, покрај министерот Болат и замениците министри Мустафа Тузџу и Сезаи Учармак, шефот на директорaтoт за меѓународни договори и ЕУ Хусну Дилемре, шефот на директоратот за царина Мустафа Ѓумуш, шефот на директоратот за царинска контрола Реџеп Кошал, како и советникот на министерот Мехмет Хусејин Билгин.