Србофобија, усташтво, предавство за пари, СНС: Тешки работи се изнакажаа меѓу СДСМ и нивниот поранешен член Саша Богдановиќ
По неколкуте соопштенија на СДСМ во врска со наводното промовирање на српскиот свет во Македонија и инсталации на претседателот Александар Вучиќ, поранешниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ, се почувствува повикан да одговори на ваквите оценки. Богдановиќ беше избран за градоначалник како кандидат на СДСМ, но по еден мандат нивните патишта се разидоа. Во оваа размена на објави и соопштенија мешу него и СДСМ се споменуваат србофобија, усташка идеологија, врховистичко балистичка идеја, предавство на партијата за пари, Српска напредна странка, Третиот рајх и што уште не.
Што напиша Богдановиќ на социјалните мрежи претставувајќи се како претставник на српскиот народ:
„Последниве прес-конференции на СДСМ се како да ги пишува и спрема некој задоеник со усташка НДХ идеологија, наследник на врховистичка балистичка идеја таргетирајќи еден народ и една земја која секогаш имала братски пристап према Македонија. Се напаѓа политика на независна држава, претседател на држава избран од народот, српски компании кои доаѓаат и работат во Македонија. Ваквите напади и конструкции се продолжение на делувањето на идеали кои не биле препознатливи за партија која негувала антифашистичка идеологија. Како припадници на српската заедница секогаш сме давале придонес за развој во разни полиња во државата и така ќе биде и во иднина но, очигледно на некоја група во СДСМ, која најверојатно треба да се докаже на некој србофоб и србомразец, свесно од рани утрински часови па до доцна навечер во речиси секоја втора или трета објава споменува српски, Србија, Срби итн. Мислам дека треба во иднина преку правни механизми да се избориме против дискриминацијата и србофобијата која очигледно владее кај одредени луѓе во СДСМ“.
Реакцијата на СДСМ беше многу остра и во соопштението стои дека Богдановиќ ја предал партијата за пари:
„Поранешен член на СДСМ кој најпрво ја предаде партијата за пари, а потоа и Македонија за пари, сега си зема за право некого да таргетира и да го нарекува усташ.
Човек кој припаѓа на коалицијата ВМРО Ванчовистичка – ЗНАМ, луѓе кои во Собранието ја изгласаа резолуцијата за забрана на говорот по урнекот на декретот од Третиот рајх. Кога веќе ги спомнува усташите, нека прочита малку и кој соработувал со НДХ.
Зошто Саша Богдановиќ го прави ова? Прво, затоа што е избран како Србин да ја пренесе оваа порака. Каде подобро од Србин да ги ‘брани’ Србите. Од кого ги брани? Кој ги напаѓа Србите?
Во извештајот на Европската комисија (веројатно се мисли на Европскиот парламент – н.з.) се спомнува ‘српски свет’, при што токму се мисли на влијанието на Вучиќ и СНС преку нивните сателити во ВМРО Ванчовистичка и ЗНАМ а не на Србите. Еден од тие сателити е Саша Богдановиќ.
Токму ова е дел од copy-paste валканата кампања на Вучиќ во Србија, која тој по налог ја пренесува и во Македонија.
Вучиќ веќе една година ги нарекува студентите, децата во училиштата, нивните родители, сите слободни и мислечки граѓани на Србија — усташи.
Саша Богдановиќ мора да сфати дека Српската напредна странка не е Србија, ниту пак Вучиќ е единствениот Србин. Србија се нејзините граѓани, а не банда криминалци со кои тој и ВМРО Ванчовистичка соработуваат. Ние ги сакаме Србите, како што ги сакаме и сите наши други сограѓани“.