„Спремни сме“ – Османи објави фотографија од салата во „Борис Трајковски“ за Самитот на ОБСЕ

Скопје три дена ќе биде под посебен режим на сообраќај поради брoјните и високопрофилирани гости


 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на Фејсбук објави фотографија од салата во спортскиот центар „Борис Трајковски“ која е пренаменета во конференциска сала за претстојниот самит на ОБСЕ во Скопје, кој почнува утре вечер.

До фотографијата објавена на неговиот профил на Фејсбук стои коментар „Спремни сме“.

Бујар Османи денеска е на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел на кој главно ќе се разговара за помошта на Украина.

Владата одлучи сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје на 29 ноември да работат со скратено работно време до 12 часот, а 30 ноември за нив да биде неработен ден.

 

Денеска од 9 до 12 часот ќе бидат затворени дел од улиците во Скопје заради генералната проба за спроведување посебен сообраќаен режим пред самитот на ОБСЕ.

За спроведување на мерките во патниот сообраќај ќе биде ангажирана единицата за безбедност во сообраќајот при СВР Скопје, а денеска како дел од вежбата затворени за сообраќај ќе бидат улиците бул. „Илинден“ од крстосница со бул. „Св.Климент Охридски“ до крстосница со ул. „Љубљанска“ и бул. „8-ми Септември“ од крстосница со ул. „Скупи“ до крстосница со бул. „Партизански Одреди“.

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници. Поради изменетиот соображаен режим во истиот период измени се предвидени и во Јавниот сообраќаен превоз на линиите кои транзитираат по овие сообраќајни делници, соопштуваат од ЈСП Скопје.