Спикерот на Сoбранието Митрески се обрати пред Врховната рада на Украина

Митрески ја пренесе пораката дека Македонија ќе му помогне со сите можни сили на украинскиот народ во неговата борба против руската агресија


 

Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денеска имаше извонредна можност да се обрати пред Верховната рада на Украина во Киев за да порача дека Македонија и целиот демократски свет се на страната на украинскиот народ во неговата борба против руските агресори. Митрески е во еднодневна посета на Украина на покана од претседателот на Врховната рада, Руслан Стефанчук, во рамките на настаните посветени на втората годишнина од почетокот на целосната руска воена агресија на Украина. Во рамките на посетата, тој се обрати на специјалната седница на Врховната рада на Украина.

Во своето обраќање пред украинските пратеници и високите гости, Митрески ја потврди цврстата, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност за Украина, украинските институции и украинскиот народ и нагласи дека граѓаните на Македонија се, и остануваат со граѓаните на Украина за сета помош и поддршка што е неопходна.

„Денеска, на 24 февруари, сме овде во Киев за да испратиме силни пораки за мир, разбирање, толеранција и почитување на другиот, но во исто време да испратиме исто толку силна порака дека демократскиот свет е обединет во поддршката на Украина во борбата за правда, одбрана на нејзината територија и одбрана од империјалните апетити на нејзиниот сосед“, истакна Митрески.

Тој оцени дека руската агресија врз Украина е предупредување за сите дека мирот, независноста и слободата не треба да се земаат здраво за готово. „Но, сето ова зло, сета оваа неправда, не го уништи духот на Украина, не ја уништи волјата на храбриот украински народ да се спротивстави на оваа агресија и да се бори за територијалниот суверенитет на сопствената држава и за сопствената независна и слободна иднина“, додаде тој.

Митрески изрази цврсто уверување дека, како и досега низ историјата, демократските вредности ќе ја победат агресијата, а соработката ќе се насочи кон разговори за подобар животен стандард, просперитет и развој, културна соработка и размена.

„Илјадници Украинци се жртви на оваа грозоморна агресија, милиони Украинци се раселени и внатре во земјата и низ Европа, на децата им е одземено безгрижното детство, уништено е огромно историско и културно наследство, нанесена е огромна штета на економскиот напредок и просперитет на оваа убава земја.

Но, сето ова зло, сета оваа неправда, не го уништи духот на Украина, не ја уништи волјата на храбриот украински народ да се спротивстави на оваа агресија и да се бори за територијалниот суверенитет на сопствената држава и за сопствената независна и слободна иднина“, додаде Митрески.

 

Тој рече дека оваа агресија врз Украина е предупредување за сите дека мирот, независноста и слободата не треба никој од нас да ги зема здраво за готово. И токму затоа изминативе две години демократскиот свет се обедини и силно застана зад Украина и украинскиот народ во одбрана на нивниот територијален суверенеитет и интегритет.

„Страдањата на Украина ја обедини Европа, го обедини светот, кој на Украина ѝ даде безрезервна поддршка од секаков аспект, воена, логистичка, морална. Сето ова создаде цврст бедем за одбрана на мирот и правата на Украина. Европа, ЕУ, САД и другите демократски земји во светот многу брзо разбраа дека токму во Украина се брани мировниот европски поредок и дека доколку руската агресија во Украина успее тогаш и други земји ќе бидат цел на империјалните амбиции на Москва“, рече Митрески во Врховната рада во Киев.

Тој ја искористи можноста да ја пренесе пораката дека граѓаните на Македонија се со Украинците, и остануваат со нив за сета помош и поддршка што е неопходна во рамките на нашите можности.