Специјалниот пратеник на Орбан во посета на Скопје
Ако процесот се базира на мерит-систем, Северна Македонија и другите земји од регионот заслужуваат да станат полноправни членки на Европската Унија, смета Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. Тој нагласи дека земјата неправедно веќе 20 години „седи на оградата“ и оти е неопходно процесот на пристапување во ЕУ да се забрза.
Бунфорт денеска во македонското Собрание имаше средба со потпретседателот на парламентот, Антонијо Милошоски..
„Разговаравме за многу прашања поврзани со процесот на пристапување во ЕУ. Секако сме чуле многу идеи како таа за постепена интеграција или гарантиран статус на земја членка, без право на глас… Она што е важно е да видиме дека земјите од регионот, вклучително и Северна Македонија, треба да станат полноправни членки на ЕУ. Тоа е сè што можам да кажам во моментот. За нас би било многу важно да се забрза овој процес и да им се даде на земјите шанса да станат членки на ЕУ. Доколку станува збор за мерит базиран пристап, мислам дека Северна Македонија и регионот заслужуваат полноправно членство“, рече Бунфорт во одговор на новинарски прашања по средбата.
Според него, Унгарија и Северна Македонија негуваат одлични билатерални односи и, како што истакна, тоа е повеќе од партнерство, тоа е нешто што се темели на заеднички интерес и доверба.
„ Разговаравме за конкретни проекти, разговаравме за прашања од заеднички интерес. Исто така, изразивме целосна поддршка за Северна Македонија за пристап до ЕУ. Сметаме дека е пародија што Северна Македонија ‘седи на оградата’ повеќе од дваесет години. Сега се обидуваме да направиме сè што е во наша моќ за да го забрзаме овој процес“, рече Бонфорт.
Потпретседателот на Собранието, Милошоски, го дели ставот на Бунфорт дека билатералните односи на двете земји се на одлично ниво, но и што има интерес и веќе зголемени активности за поголема економска соработка.
„Имаме заеднички проекти, кои се разгледуваат, а се од областа на енергетиката, но исто така проекти што ќе значат и зближување помеѓу граѓаните, како збогатена соработка на ниво на култура, образование и други сектори, кои се важни и за двете општества“, изјави Милошоски.