Специјализирано возило вечерва ќе прска против комарци на критичните подрачја во Кисела Вода


Градоналаничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска информираше дека Град Скопје, во соработка со Општина Кисела Вода, вечерва ќе спроведат редовна акција за дезинсекција.

Третманот ќе ги опфати критичните подрачја, со цел навремена заштита на граѓаните и спречување на масовното размножување на комарците.

Како што посочи градоначалничката, прскањето ќе се реализира во периодот од 22:00 часот, па сè до целосното опфаќање на критичните места на општината, при што со специјализирано возило ќе се дејствува против возрасните комарци.

„Оваа интервенција се надоврзува на досегашните активности. Имено, Кисела Вода досега изврши 3 третмани против возрасни комарци и 1 акција за сузбивање на ларви, како и Град Скопје, кој досега изврши вкупно 14 дезинсекции“, истакна Стаменкоска Трајкоска.

Во објавата на Фејсбук, таа уште еднаш ги потсети пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на своите пчелни семејства поради вечерашните активности.

„Истовремено, за акцијата да се реализира безбедно и ефикасно, ги замолуваме граѓаните во наведениот временски период, доколку се во можност, да ги држат затворени прозорците и вратите од своите домови“, додаде градоначалничката.