Спасовски во Вашингтон се сретна со конгресменката Тени


 

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Вашингтон, оствари средба со конгресменката Клаудија Тени, којашто е копретседавач со конгресната група за Македонија, за Американците со македонско потекло.

Двајцата соговорници разговараа за значајната улога која ја игра конгресната група, за Американците со македонско потекло, генерално за македонско-американската заедница во САД. Спасовски ја изрази благодарноста за поддршката и ангажманот во зајакнувањето на меѓусебните односи, промовирање на културната размена и застапување на интересите на македонската заедница во САД.

„Македонија се стреми кон една сигурна, стабилна и просперитетна иднина во големото европско семејство на ЕУ, а нашите напори се во голема мера фокусирани на продлабочување на демократските реформи, јакнење на владеењето на правото и продолжување на економскиот развој. Во сето ова, македонско-американската заедница и поддршката од САД играат витална улога. Нашата соработка како НАТО сојузници се темели на заедничките вредности на демократијата, човековите права и мирот“, истакна министерот Спасовски, упатувајќи благодарност за личниот ангажман на конгресменката Тени.

„Дозволете ми  да изразам благодарност за вашите лични заложби за почнувањето на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската унија, како и за заложбите за резолуцијата на Конгресот со која септември се прогласува за месец на промовирање и славење на македонскиот јазик, култура и историја на Американците со македонско потекло и нивниот вековен придонес за Америка“, рече Спасовски.

Конгресменката Тени изрази задоволство од можноста да се сретнат со министерот Спасовски и во оваа прилика ја истакна својата силна поддршка, посветеност и блискост кон македонско-американската заедница во САД, велејќи дека секогаш е во потрага  по пријател плус Македонец во САД. Таа уште еднаш ја потврди својата поддршка за резолуцијата за месецот септември да биде месец на на промовирање и славење на македонскиот јазик, култура и историја на Американците со македонско потекло и нивниот вековен придонес за Америка.