Спасовски вели дека кривичните пријави за патните исправи се политички мотивирани


Фото: Б. Грданоски

 

Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски не смета дека е лично одговорен за хаосот со издавањето лични документи, пред сѐ на пасошите. Според него, како што рече вечерва во гостување на ТВ Телма, биле создадени сите предуслови граѓаните навреме да ги заменат документите. Кривичните пријави поднесени од ВМРО – ДПМНЕ и од партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски, Спасовски смета дека се политички мотивирани.

На новинарско прашање дали би дал оставка ако денес е министер за внатрешни работи затоа што 634.988 граѓани не можат да излезат од државава Спасовски нагласи дека никогаш не одговарал на хипотетички прашања, но дека додека бил министер редовно ја следел целата состојба.

Спасовски потенцира дека не сака да фрла вина на граѓаните, меѓутоа, како што рече, секој граѓанин имал можност од 1 јули 2021 година да започне со промената на личните документи. 

Прашан дали се чувствува одговорен за тоа што на 28 јануари 2024 година напуштајќи го МВР знаел дека нема да можат да ја исполнат една од најклучните обврски на РСМ сите патни документи да бидат сменети до 12 февруари 2024 година, екс-министерот за внатрешни работи Спасовски одговорот го даде со појаснување на законските процедури.

За тоа дали се уште смета дека на ниту еден од  634 988 илјади граѓани кои останаа без патни документи не треба да им каже извинете, можеби згрешив, не соодветно планирав или на кој било начин да им се извини, Спасовски, во „Топ тема“ не се извини.

– Сите оние што поднеле барање да се заменат документите, тоа треба да го направат низ системот на МВР, одговори Спасовски на прашањето дали ќе се извини на кој било начин.

Осврнувајќи се на потпишувањето на Преспанскиот договор Спасовки кажа дека државата од моментот кога е склучена спогодбата, односно ратификувана во нашето Собрание, ги започнала и ги обезбедила условите за промена на личните документи.

На прашањето дали после „дебаклот со издавањето на документите има кредибилитет да биде дел од понудата на СДСМ со коалицијата за претседателски кандидат“, Спасовски потенцира дека за понудата одлучуваат органите на партијата врз основа на анализите што ги има партијата. Инаку, како што рече, имам силен кредибилитет. Како ќе се одвиваат постапките и кои одлуки ќе донесе партијата и дали тие одлуки ќе се базираат на поединечна желба, амбиции итн… не е важно.