Спасовски тестираше алатка за онеспособување експлозивни направи
Министерот Оливер Спасовски во полицискиот центар „Ѓорче Петров“ Скопје присуствуваше на бета пилот тестирањето на ВЕКТОР – алатка за виртуелно собирање докази за идентификација и онеспособување неексплодирани убојни средства.
Спасовски во своето обраќање истакна дека клучен предизвик со кој се соочуваат безбедносните органи е прецизно идентификување на конкретниот предмет, односно експлозивна направа, проценка и класифицирање на нивото на ризик и добивање совети за постапување како да се дејствува врз основа на посебните спецификации на направата и контекстот во кој се наоѓа заканата. Министерот Спасовски се осврна на фактот дека иако техниките за отстранување на експлозивни направи, како што се далечински управуваните возила за отстранување на бомби, постојано се унапредуваат и осовременуваат, реалноста е дека експертите и опремата не се секогаш достапни за справување со овие ситуации.
„Сите овие предизвици и опасности се реални денес, и за големите и развиени држави, нашите партнери од НАТО, па и за нас. Токму затоа и МВР преку БЈБ, одлучи да учествува во ВЕКТОР проектот и заедно да придонесат кон креирањето на модерно софтверско решение – алатка за собирање докази, поврзани со инциденти предизвикани од импровизирани експлозивни направи, како и од неексплодирани убојни средства, со што ќе се овозможи скратување на времето за постапување на безбедносните органи и побрзо и поефикасно справување со опасноста”, рече тој.
Притоа, министерот Спасовски изрази увереност дека соработката помеѓу академската заедница и безбедносните институции ќе вроди со најдобри резултати, а меѓудругото посака успех во тестирањето на алатката ВЕКТОР и истакна дека Министерството за внатрешни работи и во следниот период ќе продолжи да биде активен учесник во активностите во рамките на проектот ВЕКТОР, а вработените особено ќе се вклучат и максимално ќе се посветат на практичните аспекти и потребните информации за предложеното софтверско решение.
Учесници на настанот се партнери од конзорциумот на проектот, ИТ специјалисти и учесници од МВР и ДЗС, Факултетот за безбедност – Скопје, директорот на проектот проф. д-р Бабак Акгар. На настанот беше изведен и приказ на ВЕКТОР технологиите и опремата од страна на ВЕКТОР проектен тим, како и подесување на техничките компоненти од страна на УКЛО ФБС, со поддршка од сите технички партнери, а беше спроведена и обука на крајните корисници (МВР, ДЗС и УКЛО ФБС).