Спасовски нема да биде дел од техничката влада – ЦО на СДСМ ги утврди кандидатите


 
На денешната седница Централниот одбор на СДСМ донесе повеќе одлуки и заклучоци.
Врз основа на иницијативата за широк Европски фронт, Централниот одбор на СДСМ го овласти претседателот Димитар Ковачевски да формира работна група и да разговара со сите политички субјекти, невладини организации, граѓански здруженија, активисти, сите оние кои го поддржуваат европскиот пат и иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на Унијата да се приклучат и заедничка соработка околу остварување на стратешката цел: членство во ЕУ.
Централниот одбор го утврди Јован Митрески за кандидат на СДСМ за претседател на Собранието до завршување на мандатот на парламентарниот состав 2020-2024 година.
Членовите на Централниот одбор донесоа одлука за утврдување на кандидати за министри, заменици-министри и дополнителни заменици-министри во техничката влада од редовите на СДСМ.
– Кандидат за заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење Централниот одбор ја утврди Славица Грковска.
– Кандидат за заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции е избран Фатмир Битиќи.
– Кандидат за заменик на претседателот на Владата за европски прашања е избран Бојан Маричиќ.
– Кандидат за министерка за култура е избрана Бисера Костадиновска-Стојчевска.
– Кандидат за министерка за животна средина и просторно планирање е избрана Каја Шукова.
– Кандидат за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е избран Љупчо Николовски.
– Кандидат за министер за транспорт и врски е избран Благој Бочварски.
– Кандидат за министерка за одбрана е избрана Славјанка Петровска.
Централниот одбор утврди и кандидати од СДСМ за заменик-министри:
– Викторија Аврамовска-Мадиќ, заменик-министерка за правда.
– Маја Манолева, заменик-министерка за здравство,
– Александар Бајдески, заменик-министер за информатичко општество и администрација.
– Филип Николовски, заменик-министер за финансии.
– Мики Крстев за заменик-министер за локална самоуправа.
– Кандидат за дополнителен заменик-министер за внатрешни работи Централниот одбор на СДСМ го утврди Митко Бојмацалиев, актуелен шеф на кабинет на министерот Оливер Спасовски.
– Кандидат за дополнителен заменик-министер за труд и социјална политика ја утврди Јована Тренчевска, претседателка на Форум на жени и актуелна министерка.
 
 
За шеф на Централниот изборен штаб на СДСМ, Централниот одбор го избра генералниот секретар Миле Зечевиќ.
СДСМ е подготвена и на изборите оди на двојна победа на претседателските и парламентарните избори. СДСМ ќе го даде победничкиот кандидат за претседател и ќе ја формира идната проевропска Влада.
За претседавач со Централниот одбор на СДСМ е избрана Славјанка Петровска, којашто заедно со Дашмир Афети од Желино се избрани и за нови членови на ЦО.