Спасовски најавува две милијарди евра за изградба и реконструкција на патната инфраструктура


Досега инвестиравме речиси една милијарда евра во изградба и реконструкција на патната инфраструктура, а во план е да инвестираме дополнителни две милијарди во следните неколку години, најави денеска премиерот Оливер Спасовски кој заедно со градоначалниците на Општина Гази Баба Борис Георгиевски и на Општина Бутел Велимир Смилевски изврши увид во работите на патот Раштак – Бутел.

Овој пат, вели тој, што ги поврзува општините Бутел и Гази Баба преку Раштак беше оштетена и целосно необезбедена сообраќајница.

– Владата преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој даде поддршка за изградба и проширување на патниот правец Раштак – Бутел во должина од пет километри во висина од 16,7 милиони денари. Патот ќе биде проширен со поставена нова асфалтна подлога, а ќе биде изграден и потпорен ѕид, соопшти Спасовски.

Владата, додаде тој, на Општина Гази Баба и додели 40 милиони денари за изградба на уште два локални патишта, односно изградба на локален пат од Страшинци кон Виниче во должина од два километра и за изградба на локален пат од основното училиште во село Булачани кон Викенд населба во должина од 1100 метри.

– Покрај овие патни правци извршивме целосна реконструкција на локалниот пат Јурумлери – Долно Лисиче – Драчево каде од локален пат полн со дупки кои при најмал дожд возилата не можеа да се движат по него, сега е целосно реконструиран со нова асфалтна подлога и целосно безбеден за учесниците во сообраќајот, нагласи Спасовски.