(Видео) Спасен по 18 часа во морето – 30 годишниот Иван пренесен на копно

Пливал методично и систематски и успевал да се одржи на водата за да се одмора повремено. Му помогнало што е физички добро подготвен, вели градоначалничката на Касандра


Со насмевка на лицето, смирен, опуштен и во добро расположение, 30-годишниот македонски државјанин по поминати над 17-18 часа во морето, стапна на копно и со возило на брза помош беше пренесен во болница, откако спасувачките екипи го пронајдоа во морскиот дел југозападно од Касандра на Халкидики, јави дописничката на МИА од Атина.

Веројатно е дека хеликоптерот што учествува во акцијата, го лоцирал исчезнатиот, по што бил информиран товарниот брод, што се наоѓал во близина и го спасил Македонецот, а потоа бил преземен од чамец на грчката крајбрежна служба.

На пристаништето беше пречекан со аплауз од присутните, но и од голем број новинарски екипи кои од вчера детално го следат случајот со исчезнатите македонски туристи.

Според грчките медиуми станува збор за Иван, 30-годишниот кој вчера славел роденден.

Извори од крајбрежната служба на Грција, како што претходно објави МИА, брифираа дека спасениот 30- годишен државјани на Северна Македонија е во релативно добра здравствена состојба.

Градоначалничката на Касандра Анастасиа Халкиа за солунскиот информативен портал „Ворија“ вели дека веројатно добрата физичка состојба и смиреноста биле пресудни што и по 18 часа во морето, останал жив.

„Пливал методично и систематски и успевал да се одржи и да лебди на водата за да се одмора повремено. Му помогнало што е физички добро подготвен. Сега е во болница и нема посериозни проблеми, но е под стрес и е дехидриран, изјавиала Халкиа.

На еден од чамците на спасувачките екипи, додека траеше потрагата беа и братот и таткото на спасениот, кои од Северна Македонија пристигнале на Халкидики.

Акција и потрагата на грчката крајбрежна служба, на грчкиот спасувачки тим и спасувачи волонтери продолжуваат за пронаоѓање на последниот од тројцата исчезнат, односно 28- годишен македонски државјанин. 

На снимките се гледа дека Иван е добро расположен по животната драма која го снашла по прослава и на летен одмор.

 

На истата тема:

Пронајден жив еден од исчезнатите македонски државјани на Халкидики, продолжува потрагата по вториот – Независен Весник (nezavisen.mk)

Се бараат во море и од воздух: Продолжува потрагата на Халкидики по двајцата исчезнати – Независен Весник (nezavisen.mk)

Спасувачка акција во Грција по Македонци кои исчезнале во морето – Независен Весник (nezavisen.mk)