Советник на Радев: Ако некој државник дојде да пие кафе, треба ли да ставиме знаме?

Сиљановска свесно прифатила, се сликала, а потоа и самата објавила средба без ниту едно државно обележје, критикуваат од СДСМ нарекувајќи ја реакцијата на нејзиниот кабинет - по свадба, тапани


„Посетата на претседателката на Република Северна Македонија на Бугарија беше по повод културен настан – не беше ниту државна, ниту работна. Поради оваа причина, македонското знаме не беше ставено пред грбот на претседателството, бидејќи за вакви посети не е потребно строго почитување на државниот протокол“, изјави Димитар Стојанов, поранешен министер и актуелен советник на бугарскиот претседател Радев.

Реакцијата доажа откако од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова соопштија дека ќе побараат официјално објаснување од соседната земја дали истакнувањето на бугарското знаме покрај неа е протоколарен превид или пак намерна постапка и отстапка од договореното.

Советникот на Радев, Димитар Стојанов, за БНТ посочи дека средбата меѓу Румен Радев и Гордана Сиљановска – Давкова била исклучително конструктивна и со добар тон. Договорени се идните државни посети на РСМ и Бугарија – ова Стојанов го дефинира како чекор напред во дијалогот меѓу двете земји.

На прашањето дали посетата на претседателката на Република Северна Македонија е провокација, Димитар Стојанов одговори:

– Не би сакал да зборувам за провокација во овој случај додека бараме чекор напред во развојот на нашите односи. Не е коректно да се мешаме со знамиња во оваа ситуација. Ако државник од соседната земја доаѓа да пие кафе во Бугарија, дали да ѝ ставиме знамиња во естаблишментот. Непотребно влошување на ситуацијата – коментира тој.

За докрај да се испита случајот со неистакнувањето на македонското знаме покрај претседателката Сиљановска Давкова Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) денеска ќе го повика бугарскиот амбасадор во државава Желјаско Радуков кој токму минатата недела со предавање на акредитивните писма во вилата Водно стапи на должност.

И бугарскиот новинар Љупчо Нешков смета дека нема ни провокација ни гаф.

„Нема гаф и нема прекршување на протоколот. Ова е приватна посета и на таквите посети недостасува формалната церемонија што важи во такви случаи. Фотографијата е на веб-страницата на македонското претседателство. Таа беше поставена од нив. И во овој момент, фотографијата се уште е таму како една од водечките вести. Прашањето е зошто се случува ова и од каде ова прашање? Ова е дел од политичкиот систем во Македонија“, смета бугарскиот новинар.

Според него, прашањето што треба да се реши во Македонија е „дали земјата навистина сака да биде навистина независна или нејзиното постоење е поврзано со омразата кон Бугарите“.

„Во овој случај станува збор за државна идеологиј. До вчера тие што беа обвинувани дека се пробугарски, блиски до Бугарија – Социјалдемократскиот сојуз, го користат овој арсенал што го користеше ВМРО-ДПМНЕ како опозиција. Затоа велам дека ова е прашање за државна идеологија. Рекоа дека биле понижени што Сиљановска не обрнала внимание на оваа работа“, нагласил тој во интервју за бугарска „Нова“.

Според него, „нема ништо лошо што Сиљановска Давкова доаѓа во Бугарија“.

„Ако сака културна дипломатија, може цела година да ја обиколи Бугарија – од Балчик до Сандански. Да не зборуваме за Пловдив и Софија. Според мене, ова е обид да се претстави земјата како жртва на светот. Дека Сиљановска сака да најде решение, но еве Бугарија е таа што го блокира влезот на Скопје во ЕУ. А, кога ќе дојде во Софија и ќе се случи вакво нешто – тогаш го бараат знамето. Утре ќе го бараат чевелот, чорапот и што и да одлучат. Основата не е ниту знамето ниту било каква изјава. Основата е оваа земја да биде подредена на странските геополитички интереси. Тоа е нивната државна идеологија, затоа им велам на довчерашните наводни сојузници и пријатели, сега ја користат истата реторика. Ова е дел од постоењето, дел од системот на оваа земја“, категоричен е бугарскиот новинар.

За СДСМ реакцијата на кабинетот на Сиљановска е – по свадба тапани.

По свадба тапани, се реакциите на кабинетот на Сиљановска и најавите кои ги слушаме од МНР и Тимчо Муцунски. За понижувањето на државата и големиот срам кој го приредија Сиљановска и министрите на Мицкоски во Бугарија се криви самите тие, а сега се обидуваат да ја поправат штетата со што уште повеќе се заплеткуваат во скандалот“, велат од СДСМ.

Сиљановска свесно прифатила, се сликала, а потоа и самата објавила средба без ниту едно државно обележје, без македонско знаме. Истото го направиле и министрите во Владата на Мицкоски. Овој скандал ќе поминеше незабележан доколку јавноста бурно не реагираше на него и затоа обидите да се покаже некава сила после овој дипломатски дебакл е само јалов обид да се оправда дилетантизмот и наивноста на ВМРО-ДПМНЕ и Сиљановска. Овој скандал потврдува дека Владата и институците предводени од Мицкоски и Сиљановска, немаат никаков капацитет за меѓународна политика уште помалку да обеззедат подобри услови на земјата во меѓународни рамки. Зар Сиљановска е таа што ќе обезбеди промена на преговарачката рамка или нови услови во однсите со ЕУ? Муцунски ли е тој што треба да се бори за македонските позиции во меѓународни рамки а не успеал една средба во Софија достоинствено да ја организира? ВМРО-ДПМНЕ нема знаење, нема капацитет и нема одговорност да ја води државата на меѓународно ниво и со нив напредок ќе нема на ниту едно поле, се вели во соопштението од партијата.