Соученик му фрлил петарда – 12 годишник во Аеродром ја повреди раката


Дванаесетгодишно момче од скопската општина Аеродром е тешко повредено откако му пукнала петарда во рака, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Настанот бил пријавен ноќеска во 23:26 часот во СВР Скопје, откако од Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било соопштено дека кај нив е донесено малолетно лице со тешки телесни повреди.

Според пријавеното, инцидентот се случил околу 23 часот во парк на подрачјето на општина Аеродром. На момчето му пукнала петарда во рака, откако се обидел да ја тргне за да не му падне на главата. Петардата, како што е наведено, била фрлена од негов соученик.

Случајот е пријавен во полиција, а се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите под кои настанал инцидентот.