Состојбата со хидроакумулациите загрижувачка, во ТЕЦ „Осломеј“ има недостиг на јаглен…
Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија ја одржа втората седница, на која беа разгледани повеќе теми од значење за електроенергетскиот сектор, со посебен акцент на моментната состојба на снабдувањето со електрична енергија во земјата.
На седницата присуствувале членовите на Комисијата од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и претставници од енергетските компании АД ЕСМ, МЕМО ДООЕЛ Скопје, ЕСМ Енергетика, ЕВН ХОМЕ ДООЕЛ и ТЕ-ТО АД Скопје.
-Членовите на Комисијата беа информирани за проблемите со термоелектраните, особено во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. РЕК Битола моментално работи со два блока, со просечна потрошувачка на јаглен од 12.500 тони на дневно ниво. Во ТЕЦ Осломеј има недостиг од квалитетен јаглен. Како резултат на работата на претходното раководство и користењето на јаглен со лош квалитет направен е прекин на работата на овој производствен капацитет. Поради тоа, за ТЕЦ Осломеј е објавен оглас за набавка на 400.000 тони јаглен, кои треба да пристигнат на депонија за да може да се стартува со работа, стои во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
На седницата била претставена и актуелната состојба на хидроакумулациите, кои, како што се наведува се на ниво од 10 отсто на капацитет, што е значително под повеќегодишниот просек за овој период од годината. Ваквата состојба, како што се наведува во соопштението, заедно со можните исклучувања во термоелектраните, предизвикува сериозна загриженост за стабилноста на електричната мрежа во земјата, особено во зимскиот период, кога се очекува поголема потрошувачка на енергија.
– Ситуацијата во југозападниот дел на земјата внимателно се анализира и набљудува, каде што постои ризик од преоптоварување на електропреносната мрежа во случај на нерасположливост на клучни блокови во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј и можноста од појава на обилни врнежи од снег. Се анализираат различни сценарија за избегнување на различни можни кризни ситуации кои се карактеристични за овој период од годината, како и заштитни мерки, но состојбата во континуитет се следи, се вели во соопштението.
Во рамки на седницата биле разгледани и прашањата поврзани со пазарот на електрична енергија. Во ноември 2024 година просечната цена на енергијата на пазарот во државава изнесуваше 165 евра за мегават час, што е приближно во рамките на цените во регионот. За јануари 2025 година се очекува зголемена потрошувачка и потреба од дополнителни набавки, особено за ЕВН Хоме, чие годишно потрошувачко ниво е зголемено во однос на минатата година.
– Во обид да се обезбеди сигурно снабдување со електрична енергија во текот на зимскиот период, МЕПСО, заедно со други релевантни институции и компании, презема мерки за подобрување на инфраструктурата и надминување на дефектите во системот. Особено важен проект е поставувањето на новиот трансформатор во ТС Битола 2, кој се очекува да помогне во стабилизацијата на снабдувањето во регионот. Седницата на Комисијата беше важен чекор во координирањето на мерките за стабилизирање на електроенергетскиот сектор, кој во текот на зимата е изложен на поголеми ризици поради зголемената потрошувачка и можни временски непогоди, стои во соопштението.
Комисијата ќе продолжи со редовни состаноци и анализи, особено во периоди на зголемени оптоварувања на енергетскиот систем, со цел да се идентификуваат потенцијалните ризици и да се предложат мерки за нивно навремено адресирање.