Сопственикот на „Оракл“ стана третиот најбогат човек во светот
Акциите на американската корпорација за компјутерска технологија „Оракл“ пораснаа на берзата за 63 отсто, со што нето вредноста на пазарот на сопственикот на компанијата Лери Елисон скокна на повеќе од 217 милијарди долари (208 милијарди евра).
Тоа го стави на третото место на листата на најбогати луѓе во светот, зад извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск и основачот на „Амазон“, Џеф Безос, објави Си-Ен-Ен.
Додека софтверската компанија, која Елисон ја основа во 1979 година, забележа најголем пораст на акциите од 1999 година, берзанскиот индекс S&P 500 годинава зајакна за 27 отсто, пренесува Танјуг.
Голема финансиска добивка на корпорацијата беше остварена од технологијата што се проби во светот на вештачката интелигенција.
Меѓу другото, компанијата OpenAI, која го создаде Чет џи-пи-ти (ChatGPT), во јуни објави дека ќе ја користи облак технологијата на „Оракл“.
80-годишниот сопственик на „Оракл“ е еден од постарите милијардери во технолошката индустрија, бидејќи неговите колеги се главно неколку децении помлади, како што е извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, чија пазарна вредност исто така порасна на повеќе од 200 милијарди долари.