Сопругата на премиерот на самит во Вашингтон што го организира Меланија Трамп
Сопругата на премиерот Христијан Мицкоски, Рози Мицкоска, учествува на дводневниот самитот „Fostering the Future Together Global Coalition Samit“ во Вашингтон, организиран од првата дама на САД, Меланија Трамп, на кој учествуваа претставници од 45 држави и над 20 водечки технолошки компании, соопшти Владата.
Целта на самитот е да ја зајакне глобалната соработка за подобрување на образованието, технологијата и благосостојбата на децата во услови на дигитална ера. Оваа иницијатива промовира создавање на партнерства меѓу државите и приватниот сектор, развојот на иновативни образовни програми и користење напредни технологии, како што е вештачката интелигенција, за поддршка на младите.
Во придружба на Рози Мицкоска, како што може да се види од фотографиите од настанот, е советникот за надворешна политика на премиерот, Сашо Марковски.
Во рамките на самитот, Мицкоска имаше свое обраќање на работната сесија на тема „Safety and Protection online“.
Во својот говор, Рози Мицкоска посочи дека во Македонија веруваме дека дигиталната писменост мора да започне порано во образовниот процес.
„Нашата цел е младите, не само да ја користат технологијата, туку да ја разбираат, да размислуваат критички за неа и да ја користат за решавање на проблеми од реалниот живот. Клучен чекор во оваа насока е училишната програма на 21 век, имплементирана во партнерство со меѓународните организации и приватниот сектор. Денес, 341 основни училишта и околу 1.900 наставници во нашата држава се дел од оваа иницијатива“, истакна, меѓу другото, Мицкоска.