Соња Манџук – добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината
Ракописот со наслов „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук е победник на првото издание на книжевната награда „„Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината – беше соопштено денеска на прес-конференција, што се одржа во Скопје.
Наградата ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, со поддршка на Министерството за култура. Конкурсот предизвика голем интерес, пристигнаа 77 ракописи.
За победникот одлучи тричлената стручна жири-комисија, во состав: Димитар Башевски (писател, издавач), Иван Шопов (писател) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“).
Соња Манџук (родена 1966 година во Скопје) дебитираше со поетската книга „Воопшто без“, во издание на КММ, во 1989 година. Во 1991 година ја објави збирката поезија на српско-хрватски јазик „Земјовање“, како награда на југословенскиот фестивал „Млади Мај“, Заечар. Следува новелата „Деан Кингер: сместен во смешна куќа“, кој е прогласен за најдобра новела на анонимен конкурс, распишан од издавачката куќа „Феникс“ во 1993 година, а објавен во „Македонска книга“ следната година. Добитничка е на првата награда за расказот „Затвори го добро фрижидерот“, на конкурсот на „Студентски збор“, во 1992 година. Во 2013 година ја објави збирката раскази „Стилски вежби“ (Издавачки центар „ТРИ“), која влезе во најтесен избор за наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело. Манџук е колумнист во интернет-порталот „Слободен свет“.
Наградата е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Победничкиот роман „Насон прочитана книга“ ќе биде промовиран на посебна свеченост до крајот на годината.