Солунскиот музеј на современа уметност гостува во Скопје


Наташан Пападополу

„Дали сум јас тоа име или таа слика?“ (Am I That Name or That Image?) е насловена изложбата со дела од колекцијата на  Музејот на современа уметност од Солун (МОМус), која вечер од 20 часот ќе биде отворена во Музејот на современа уметност во Скопје.

Ќе бидат изложени дела од авторите: Филипо Берта, Џејмс Бридл, Фениа Котсополу, Куриаки Гони, Владан Јеремиќ и Рена Радл, Мајда Катари, Мариана Игнатики, Олег Мавромати и Борјана Роса, Вирџиниа Мастрогианаки, Елени Мајлонас, Наташа Пападопулу, Марило Понцин, Виви Тиога, Ира Валдрон, Евангелиа Басдекис, Александрос Плорамитис…

– Ова е историски чин за двете земји и прв ваков исчекор, МОМус од Солун да изложи значајни дела од својата разнолика и богата колекција во МСУ Скопје. Соработката меѓу двата музеја не претставува само културна размена, туку ја степенува важноста и за поширока билатерална соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Грција и е од огромно значење за двете земји. Тимот на МСУ е возбуден што успеа да воспостави ваква културна размена. Уметноста го има приматот да ги обединува луѓето за добра цел. Искрено се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи со ваков интензитет и во иднина, истакна  Мира Гаќина, директорка на МСУ-Скопје.

Куратор на изложбата е Сираго Цијара, која во Скопје доаѓа со своите асистенти Домна Гунари и Ерини Папаконстантину, претседателот на Управниот одбор на музејот, Андреас Такис и директорката на МОМус, Мариа Цацаноглу.

Како што соопшти МСУ, на отворањето на изложбата вечер ќе присуствуваат градоначалниците на Солун и Скопје, Јанис Бутарис и Петре Шилегов. Од 21 часот сет ќе има грчкиот диџеј Димитрис Ангелис.

Во рамки на гостувањето на МСУ од Солун, утревечер од 19 часот во МСУ ќе бидат прикажани перформансите „Во сеќавање на моите капиталистички љубовници“ на уметникот Томас Дијафас и  „Сакај ме, те молам“ на Александрос Пломаритис.

Во рамки на проектот „Електронска музика и аналогни инструменти во дигитален свет“, пак, ќе се претстават музичари и музички продуценти кои се дел од актуелната електронска и експериментална сцена во Солун. Од 22 часот ќе настапи колективот „Ја скршив вазната“, а од 23 часот  „Или & Тоцуко“.