Софија тврди дека Муцунски одбил средба со неговиот бугарски колега Кондов


 

Бугарското Министерство за надворешни работи во реакцијата околу знамињата за време на посетата на Гордана Сиљановска-Давкова на Софија вели дека имало покана до македонскиот министер за надворешни работи да се сретне со неговиот бугарски колега, но тој ја одбил таа понуда. Од бугарското министерство за тамошната телевизија Нова изјавија:

„Водени од желбата за добрососедски односи и за политиката за поддршка на отворен дијалог со партнерите од Република Северна Македонија, од бугарска страна беа упатени покани до министрите, кои ја придружуваа претседателката Сиљановска-Давкова, за средби со нивните хомолози. За жал, поканата од министерот за надворешни работи, Иван Кондов, до министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски беше одбиена“.

Освен Муцунски во Софија патуваше и министерот за култура Зоран Љутков, но тој се сретна со неговиот бугарски колега Најден Тодоров.

Од бугарското МНР имаат свое објаснување зошто не било поставено македонското знаме:

„Посетата беше по повод културниот настан – гостувањето на Националната опера и балет на Република Северна Македонија во Софија и нема карактер на државна, официјална или работна посета. Во вакви случаи, протоколарната практика не предвидува интонирање химни, поставување на други државни знамиња, како и други протоколарни атрибути. Тоа беше посочено и од амбасадорот Желјаско Радуков вчера во неговиот разговор со дипломатите од Министерството за надворшни работи на Република Северна Македонија“.

Македонското МНР ја потврди информацијата за одбивањето на средбата бидејќи средбата била предвидена за време на ручекот меѓу Сиљановска и Румен Радев. Муцунски преферирал повеќе да биде на ручекот.