Софија со пари ќе ги помага Бугарите во Македонија


Поранешната бугарска министерка за надворешни работи, сега пратеничка, Екатерина Захариева информираше дека по нејзина иницијатива во државниот буџет за 2022 година ќе бидат вклучени и околу 400 илјади евра за помагање на Бугарите во Македонија, Албанија, Србија, Молдавија и Украина и за функционирање на нивните организации и здруженија.

Ваква помош за првпат била издвоена пред две и пол години кога таа беше на чело на Министерството за надворешни работи, но лани немало пари. За овие средства согласност веќе дала Буџетската комисија во бугарското Народно собрание, но Захариева вели, сепак да се почека гласањето во Собранието.

Захариева во изјава за БГНЕС информира и за вчерашната средба на претставници на ГЕРБ со македонските Бугари и вели дека тие побарале национално единство за нивното прашање, но и да не бидат предадени од власта во Софија.

„Во постојан контакт сум со македонските Бугари и нивните организации. Тие ги повикуваат бугарските партии да го зачуваат националното единство по нивното прашање и да не ги предаваме. Се надевам дека и останатите политички сили ќе ги слушнат нивните зборови. Македонските Бугари велат: ‘Ако во Софија не нѐ разбираат каде на друго место ќе нѐ разберат. Најважната работа од средба беше нивниот повик да продолжи политиката која што владата на ГЕРБ ја започна во однос на РС Македонија, поточно во однос на правата на македонските Бугари“, вели Захариева за БГНЕС.

Според неа, проблемот во односите со Скопје не е во минатото, туку во сегашноста.

„Македонската пропаганда се обидува организирано да ја доведе во заблуда тамошната јавност, а и нашата (фала богу несупешно) и западните партнери. Во Скопје целосно се обидуваат да го изместат проблемот. А тој е дека нивни граѓани немаат основни човекови права, дека нивни граѓани не можат да добијат работа во државната администрација, дека нивни граѓани се заплашувани, дека нивни граѓани учат дека нивните татковци, дедовци и баби се татари, нацисти и окупатори. Тоа е проблемот“, изјавила Захариева.