Софија негира дека од неа протекла дипломатската нота за „патувањето во Пампорово“
Прво палењето на автомобилите на бугарската амбасада во Скопје, а потоа објавувањето на дипломатската нота од јануари годинава за патувањето на сопругата на премиерот Христијан Мицкоски во зимскиот центар Пампорово во Бугарија од една опскурна Фејсбук група дополнително ги влошија односите меѓу Скопје и Софија.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го повикал бугарскиот амбасадор Жељаско Радуков и побарал објаснување на инцидентот.
Радуков не дал одговор, но затоа се јави бугарското министерство за надворешни работи кое вели дека тие не дистрибуирале дипломатска нота или друга официјална кореспонденција поврзана со посетата на Бугарија на членовите на семејството на Мицкоски. И велат дека настанот е од „далечно минато“.
„Информациите што циркулираат во јавноста во последните денови се однесуваат на вербална нота од 6 јануари 2026 година и се однесуваат на настани од далечното минато. Во моментов, оваа информација не може да се сфати како основа за заклучоци дека постои непосредна опасност за безбедноста на граѓаните на Бугарија или друга земја. Министерството за надворешни работи придава големо значење на заштитата на дипломатската кореспонденција и строго ги почитува утврдените меѓународни правила и практики во оваа област“, изјави Министерството за надворешни работи, цитирано од бугарската бТВ.
Фотографија од документ презентиран како дипломатска нота од Амбасадата на Македонија во Софија прикажува дека се бара обезбедување транспортен коридор за сопругата и синот на Мицкоски, кои патуваа во Пампорово на почетокот на годината, и „доколку е можно, полициска придружба за целиот престој на гостите“.
Наводната нота го наведува приближното време во кое сопругата и помладиот син на премиерот на Македонија ќе ја преминат границата меѓу двете земји, како и придружните лица поврзани со безбедноста на семејството на Мицкоски – имињата на безбедносните службеници, возилата со кои патуваат, комуникациските уреди и оружјето што го носат со себе.
Фотографијата од наводната нота од Христијан Мицкоски беше опишана како „радикализација“ на односите меѓу двете земји.