Софија го пречека Бучковски со грубо обвинување кон македонската влада
Уште непочната првата посета на специјалниот претставник на Владата, Владо Бучковски, на Софија, бугарското министерство за надворешни работи соопшти дека Македонија со „наследен тоталитарен историски наратив тешко е да најде поддршка од Бугарија“. Реакцијата на Софија дојде откако македонската влада во соопштение изјави дека блокадата на Бугарија е „неодговорна и тешка геостратешка грешка“.
„Со наследен тоталитарен историски наратив, тешко е да се најде поддршка од Бугарија. Време е владата на Република Северна Македонија да се откаже од манипулативната теза дека Бугарија го оспорува правото на самоопределување и идентитетот на граѓаните на Република Северна Македонија или правото да го нарекуваат јазикот онака како што сакаат“, вели Министерството за надворешни работи.
Софија уште еднаш, по кој знае кој пат, повторува дека таа прва ја признала независноста на Македонија и дека ѝ помогнала во најтешките моменти. „Сепак, Република Бугарија не прифаќа афирмацијата на идентитетот на граѓаните на Република Северна Македонија да се изврши во конфронтација со соседните земји и на штета на нивните национални интереси. Врз основа на нејзината одговорност да не носи отворени прашања во ЕУ и да ги штити нејзините интереси, вредности и авторитет, Република Бугарија ќе продолжи да бара трајни решенија што ќе овозможат понатамошен развој на билатералните односи и оптимален процес на преговори на Република Север. Македонија со ЕУ“, велат во бугарското МНР. Но во исто време тврди дека Македонија се обложила „на дипломатска и медиумска кампања за дискредитација на позициите на Република Бугарија, бидејќи многупати лажни информации беа презентирани пред јавноста во врска со бугарската позиција“.
Бугарија најавува дека во оваа фаза е невозможно да ја поддржи нацрт-преговарачката рамка и дека ќе вложи напори тоа да се случи за време на португалското претседателство со ЕУ. Како би можело да се случи тоа не е јасно кога уште во првите реченици на реакцијата на министерството е дека нивната позиција се заснова врз барањата за Македонија усвоени од собранието лани во октомври, а кое за Скопје се целосно неприфатливи. Бугарското министерство за надворешни работи признава дека предлозите на Бугарија не биле дискутирани од германското претседателство.