Софија бара во изборната кампањата да не се зборува за односите со Бугарија
На дента кога Собранието на Бугарија ја прифати оставката на премиерот Николај Денков, а шефицата на дипломатијата, Марија Габриел е во Букурешт на конгресот на Европската народна партија, бугарското МНР ја повика македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси-Поповски, за да ѝ укаже за наводните јавни коментари на некои политичари во Македонија за Бугарија. Бугарското МНР тврди дека тоа се „лажни изјави во однос на Бугарија“. Односите со Бугарија и измените на Уставот се појавија во преден план на преткампањата за претседателските и парламентарните избори.
Софија сака што помалку да се зборува за тоа, па во соопштението на нивното МВР се вели:
„Министерството за надворешни работи категорично се противи на обидот Бугарија и нашите билатерални односи да се вклучат во внатрешната политичка дебата во Република Северна Македонија, вклучително и во контекст на актуелната изборна кампања.
Бугарија постојано одржува конструктивен тон и се воздржува од коментирање на постојаните провокации во јавниот простор на Северна Македонија. Тоа го прави со разбирање дека е неопходно да се обезбеди конструктивна средина за нормално одвивање на изборниот процес и средина на јавен ми за да може да се спроведат потребните реформи.
За жал, очигледно е дека овие напори на Бугарија не се разбрани и ценети од одредени фактори во Скопје, кои продолжуваат да ја користат нашата земја како изговор за недостигот на напредок пред своите граѓани“.
Бугарија ја повикува „политичката елита во Северна Македонија да ја покаже потребната политичка зрелост, да даде конструктивен придонес во спроведувањето на политичките обврски преземени во рамките на компромисот од 2022 година и строго да го почитува Договорот за добрососедство од 2017 година“.