Собраниската комисија даде поддршка за Васиќ-Бозаџиева да биде предложена за уставен судија

Членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, со седум гласови „за“, пет „против“ и без воздржани, ја изгласаа кандидатката Татјана Васиќ-Бозаџиева да биде предлог судија на Уставниот суд. Седницата продолжи со расправа за кандидатот Тодор Витларов, вработен во штипското обвинителство.
Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница повторно кажа дека би било добро потенцијалните уставни судии сами да се претстават пред пратениците, со цел, како што посочи, пратениците да можат да постават прашања и потоа да направат евалуација.
Тој ја образложи кратката биографија за Витларов и порача дека доколку би го избрале, би имале уставен судија со кој, како што рече, „особено би се гордееле“.
Антонио Милошоски (ВМРО-ДПМНЕ) посочи на дел од наведените работи во биографијата на Витларов за кои смета дека се од голема важност и оти треба да се земат предвид при неговиот избор. Тој направи споредба на биографијата на Васиќ Бозаџиева и Витларов, и, посочи дека според истата, како што рече, „Витларов е истакнат правник, Васиќ-Бозаџиева не е истакнат правник“.
Пратениците досега ја утврдија кандидатурата на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер, а по завршувањето на расправата за Васиќ-Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, треба да ја разгледаат биографијата и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески како предлози од владејачките партии.
Од шестмината кои се предлози од ВМРО-ДПМНЕ, досега е одбиена кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска. Предлози на опозицијата се и универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, судијката од Управниот суд Весна Јовановска, обвинителот Тодор Витларов и Војислав Димовски јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена на четворица им е истечен мандатот.